Стејт департментот го доби својот шеф за Европа – Карен Донфрид
Сенатот ја одобри нејзината номинација за помошник државен секретар за Европа и Азија. Карен Донфрид е еден од најголемите експерти за Европа во Вашингтон
Девет месеци по инаугурацијата на Џо Бајден Стејт департментот конечно го доби новиот функционер одговорен за Европа и Азија. Сенатот со 73 гласа наспроти 26 ја одобри номинацијата на Карен Донфрид за помошник државен секретар за Европа и Азија. На ова место досега како вршител на должноста беше Филип Рикер.
Нејзиното сослушување во Сенатот беше уште во јулуи. Таа тогаш зборуваше за улогата на сојузот со Европа во справувањето со глобалните предизвици на 21 век: „Силата на американските сојузи е едно од нашите најголеми средства, без разлика дали се соочуваме со пандемијата на Ковид-19, економска или социјална нееднаквост, климатски промени, корупција, закани за енергетска безбедност, агресивна Русија, сѐ понаметлива Кина, сајбер закани или технолошка конкуренција, САД се најефикасни кога соработуваме со нашите сојузници. Европа е дом на многу наши најблиски сојузници и партнери“.
Државниот секретар Ентони Блинкен ја објави конфирмацијата на Донфрид на Твитер, наведувајќи дека му е драго што во тимот ќе има личност со толку големо искуство. Заменик на Донфрид е Габриел Ескобар, кој е и пратеник на Стејт департментот за Западен Балкан.
Донфрид беше поранешен врвен советник за Европа во Белата куќа на Барак Обама до 2014 година.
Во Стејт департментот Донфрид доаѓа од местото претседател на Германскиот Маршалов фонд. Тоа е непрофитна организација, која е посветена на јакнење на трансатлантските врски низ политички анализи и образување на политички лидери. Седиштето на Фондот е во Вашингтон, а има бироа во повеќе европски градови. Донфрид е претседател на Германскиот Маршалов фонд уште од 2014 година. Пред тоа како постар директор за европски работи во Советот за национална безбедност беше главен советник на претседател Обама за развојот и имплементацијата на европската политика на таа администрација. Пред да дојде во Белата куќа Донфрид беше разузнавачки офицер во Советот за национално разузнавање, што е центар за стратегиско мислење. И таму нејзината работа беше поврзана со Европа. Неколку години работеше и во Стејт департментот. Донфрид течно зборува германски.
Според американските весници главната задача на Донфрид ќе биде обновување на трансаталнтското сојузништво меѓу САД и Европа, што беше нарушено за времето на Трамп. Кога Бајден летово разговараше телефонски со Ангела Меркел беше посебно нагласено дека Западен Балкан ќе биде во фокусот на интересирањето на администрацијата, па искусната аналитичарка и креатор на политики, Карен Донфрид треба да одигра клучна улога. (Н.В.)