Стефоска: Потребно е создавање регионална платформа за културни политики 


Европските интеграции, културното наследство и младите, се приоритети што денеска во своето излагање ги презентираше министерката за култура Ирена Стефоска на министерскиот состанок на Агендата на Западен Балкан за образование, обука, истражување и иновации.

Стефоска, како што се наведува во соопштението од Министерството за култура, потсети на културните вредности и ги потенцира трите нејзини приоритети, наведувајќи дека би сакала тие да бидат повидливи во Агендата за култура на Западен Балкан.

– Во рамките на овие цели, потребно е да се обрне особено внимание на создавањето регионална платформа за културни политики која би вклучувала и заедничка база на податоци, рече министерката за култура.

За културното наследство, Стефоска рече дека е неопходно да се поттикнуваат иновативни пристапи и алтернативно користење на културното наследство со цел создавање нови врски и традиции кои ги зближуваат заедниците и го засилуваат чувството на припадност.

Во своето излагање пред високите делегати од ЕК и министрите од Западен Балкан, Стефоска ја нагласи потребата од засилена поддршка на мобилноста на културните оператори, особено на младите, и поддршка и развој на креативните индустрии.

Како што се наведува во соопштението, Стефоска потенцираше дека ни е потребна оваа заедничка Агенда на Западен Балкан за иновации, истражувања, образование, култура, млади и спорт и дека сме одлучни да продолжиме да ја развиваме и да ја прошируваме европската културна арена како суштинско средство за градење на нашата иднина.

Министерски состанок на Агендата на Западен Балкан за образование, обука, истражување и иновации, ги обедини клучните засегнати страни од Европската Унија и од регионот на Западен Балкан. За време на онлајн состанокот министрите одговорни за иновации, истражување, образование и култура од Албанија, БиХ, Црна Гора, Северна Македонија и Србија разговараа и ги изнесоа своите ставови за Агендата на Западен Балкан на одделни тематски тркалезни маси.

Марија Габриел, европски комесар за иновации, истражување, култура, образование и млади, ја претстави својата визија и новиот наратив за Западен Балкан „Агендата на Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт“, сеопфатна, долгорочна стратегија за соработка меѓу Европската Унија и Западен Балкан.

Министрите, на денешниот состанок ја вклучија културата во Агендата – Западен Балкан, преку посебна стратешка линија. Покрај ова, на состанокот на високо ниво беше усвоен и повисок буџет за програмата Креативна Европа при Европската Комисија.