Стефоска објави видео во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески


На промоцијата на поштенската марка со ликот на Блаже Конески

Министерката за култура Ирена Стефоска на својот фејсбук-профил објави видео во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески и неговото богато творештво.

– „Јас песните ги берев од дрвото на животот”- Блаже Конески. Во чест на 100 годишнината од неговото раѓање и богато творештво како раскошна крошна на дрвото на животот кое е и наша историја, напиша Стефоска на „Фејсбук.

На денешен ден, пред 100 години во прилепското село Небрегово, е роден академик Блаже Конески, еден од најистакнатите македонски културни дејци, писател, врвен поет и научник, чие творечко истражување дало огромни резултати во македонската литература, во областа на граматиката, историјата на македонскиот јазик и културната историја на македонскиот народ.

Блаже Конески бил прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, почесен доктор на Чикашкиот универзитет и на Универзитетот во Врацлав.

Во негова чест утре ќе се одржи свечен собир во свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Чествувањето на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ ќе биде заокружено утревечер во Филхармонија каде оркестарот на Филхармонијата ќе изведе концерт инспириран од творештвото на Конески, во чии рамки ќе бидат интерпретирани делата „Молитва“ од Тодор Скаловски и „Записи“ од Томислав Зографски.

Присутните во фоајето на Филхармонијата ќе можат да ја видат и изложбата на илустрации пристигнати на конкурсот објавен од Факултетот за ликовни уметности за изработка на јубилејната книга „Блаже Конески поезија и кратка проза“, во издание на Струшките вечери на поезијата.