Рекорден буџет за заштита на културното наследство за следната година

Отворена е нова буџетска програма за културно наследство во опасност. Започнаа конзерваторско-реставраторските интервенции на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, а токму денеска на веб-страницата на Министерството за култура објавен е и нов јавен повик за финансиска поддршка на уметниците и на културните работници. Ова денеска го истакна министерката за култура Ирена Стефоска на прес-конференција во која даваше отчет за сработеното во првите сто дена од формирање на Владата.

Ккао што информира министерката, за следната година обезбеден е рекорден буџет за заштита на културното наследство.

Таа појасни дека минатата недела на 98-иот ден од новиот мандат, Владата ги усвои заклучоците по информацијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

Воедно, го нагласи и заклучокот дека не ќе може ништо да се гради во Охрид, Струга и Дебарца ако не се земени предвид заштитно-конзерваторските услови кои ги издава Управата за заштита на културно наследство, а ги изработува Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид.

Општините Охрид, Струга и Дебарца при издавање на дозволите за изградба на објекти мора да ги соопштуваат условите согласно Планот за управување со Охридскиот регион.

Првиот работен ден го министерката го почнала со решавање на проблемот на неисплатените плати на 3.600 вработени во културата.

-Во услови на светска пандемија на која не и се гледа крајот изготвивме нов концепт за Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за наредната година. Останав доследна на законската обврска и на сопственото уверување дека членовите на стручни комисии мора да бидат докажани професионалци во својата област. Поддршката на младите во конкурсот не значи дискриминација за останатите. Свежи се сеќавањата на пораките и на енергијата од студентските протести пред шест години. Ако таа движечка сила не ја поддржиме сега, утре веќе ќе биде доцна, рече министерката.

Стефоска појасни дека поради пандемијата оформен е и владин пакет мерки за помош на културата. Поради тоа, како што додаде, токму денеска на веб-страницата на Министерството за култура објавен е нов јавен повик за финансиска поддршка на уметниците и на културните работници.

Воедно, министерката информираше дека со голема внимателност и неопходната стручност започнати се конзерваторско-реставраторските интервенции на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново.

-Отворивме нова буџетска програма за културно наследство во опасност. Го формирав Националниот совет за заштита на културното наследство кој веќе следната недела ќе го разгледува елаборатот за прогласување на скопскиот Аквадукт за културно наследство од исклучително значење, додаде таа.

Потенцира дека до Управата за заштита на културно наследство поднесена е иницијатива да се преиспита заштитениот статус на порта „Македонија“ како културно наследство.

-Успеавме црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново да ја ставиме на прелиминарната листа на УНЕСКО. Заедно со УНЕСКО ја одбележуваме 50-годишнината од смртта на славната Параскеви Кријази, единствената жена на Конгресот во Битола во 1908 година на кој е кодифицирана албанската јазика. Следната година заедно со УНЕСКО ќе ја чествуваме 100-годишнината од академикот, лингвистот и поетот, нашиот Блаже Конески, основоположникот на современиот литературен македонски јазик, посочи Стефоска.

Исто така, како една од работите кои се направени изминативе сто дена, е и успешната иницијатива на Министерството за култура културата да стане дел од официјалната агенда на Европската унија за Западен Балкан. -Успеавме во соработка со Делегацијата на ЕК да обезбедиме средства и експертиза за реформи во Министерството за култура, посочи министерката.

Таа посочи дека Законот за остварување на јавниот интерес во културата е во Собрание, и најави изготвување на нов закон за културно наследство. Исто така, во тек е изработка на измени и дополнувања на Законот за авторско право.