Стефоска: И во исклучително тешки состојби има начини да се работи и да се креира


Новите технологии се единствен избор во овој момент што им овозможуваат на културните работници да ја покажат креативноста. Министерката за култура Ирена Стефоска апелираше тие да работат онлајн, но и да се подготвуваат за постковид кога ќе помогнат и во психолошките последици од сегашното живеење кое, рече, нè измести сите поради пандемијата.

– Независно од тешките услови и времиња, ние, како Министерство за култура, и културните работници бараме и изнаоѓаме начин културата и уметноста да преживеат. Не можеме да живееме без духовните потреби. Новите технологии се единствениот избор во овој момент, рече Стефоска во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.

Во летото на отворени сцени се одржаа неколку фестивали и настани на  музичари и поети, но есента и претстојната зима се најтешки за културата. Согласно со протоколите работат театри, кина и  други инститиции, но во многу мал обем.

За идниот период, рече Стефоска, планираат како да е нормална состојбата и затоа беше спроведен и Конкурсот за поддршка на проекти од Годишната програма, но поради непредвидливоста со вирусот во наредните месеци, на апликантите им било препорачано да ги поднесуваат проектите како и во следната година да има епидемија.

-Има начини и во исклучително тешки состојби да се работи и да се креира. Но клучно е да преживееме и да бидеме солидарни, рече Стефоска, која е два месеца на министерската функција.

За да не се повторат бурни реакции како во минатите години по резултатите од Конкурсот од Годишната програма, таа рече дека со својот тим интензивно прави анализи како тие да се превенираат и целиот процес да се одвива професионално, транспарентно и стручно.

-Апликантите по завршување на конкурсот да имаат чувство и сфаќање дека конкурсот бил фер спроведен. Не очекувам сите да бидат задоволни, но да биде фер распределба на средствата, рече Стефоска, додавајќи притоа дека културата има помал буџет по двата ребаланса годинава. Со првиот ребаланс во мај биле скратени речиси 30 отсто.

Приоритети во културата, кои се совпаѓаат и со целите на  Националната стратегија за културата, ги посочи заштитата на културното наследство, поддршката на млади уметници и на ранливи групи.