Стефковски: МТСП почна тенденциозна постапка за одземање на ингеренциите врз градинката „Детска радост“


 Градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски го обвини Министерството за труд и социјална политика дека почнало постапка за одземање на ингеренциите врз градинката „Детска радост“.

– Со жалење сакам да ве информирам вас и јавноста дека изминатите денови е започната тенденциозна постапка од Министерството за труд и социјална политика, чија цел е одземање на ингеренциите врз детската градинка Детска радост. Односно директна заштита на незаконско работење, вели Стефковски.

Тој потсетува дека пред повеќе од три недели пред целата јавност ги изнел, како што вели, фактите и аргументите утврдени со ревизорски извештај за незаконско работење во градинката.

– Побарав од Министерството за труд и социјална политика да застане на страната на Законот, но наместо тоа Министерството тенденциозно започна инспекциски надзор. При вчерашната посета во општината, ми укажаа дека има недостатоци во документацијата и со тоа била прекршена постапката. На инспекторите им ја предадовме целокупната документација која е утврдена во членот 125 од Законот за заштита на децата, а се однесува на постапка за разрешување на директор на градинка. Со жалење сакам да информирам дека инспекторите истакнаа дека при надзорот во градинката дел од документацијата за постапката за разрешување недостасувала, а истата ја има во документите кои се општината. Ова е уште еден доказ дека во таа градинка се работело спротивно на Закон, односно се крие службена документација, вели Стефковски.

Тој апелира до Министерството за труд и социјална политика да застане во одбрана на Законот, а не, како што вели, да штити незаконско работење.

-Како градоначалник стојам на дадената изјава за медиумите, дека нема да дозволам детските градинки да бидат извор на незаконско работење. Јавно апелирам и до Основното јавно обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата да се произнесат по доставената документација од ревизорскиот извештај, истакнува градоначалникот на Гази Баба.

Стефковски посочува дека должност и обврска е грижата за законито работење на установите, а посебно кога се работи за установа за згрижување на деца.