Стефковски и Митески со полиција и инспекција на „Вардариште“ – но тешко до решение


По големиот пожар синоќа на дивата депонија „Вардарише“, денеска, градоначалникот на Оштина Гази Баба, Бобан Стефковски, заедно со заменик-градоначалникот на Аеродром Дејан Митески, началникот на СВР Скопје Сашо Топаловски, командирот на полициската станица од општа надлежност Гази Баба Саше Стоилевски и припадници на МВР биле во посета на дивата депонија Вардариште.
 
Сепак, новинари не се сетија да викнат, но ветуваат решение за загадувачот „Вардариште“, каде на неколку дена се појавува пожар. 
 
И повторно истите ветувања, ќе се реши проблемот, ќе патролираат полицајци и инспектори, ќе се покрене кривична против непознат сторител. Само провртете по интернет, ќе видите колку пати тоа го сориле сите досегашни челници на општини, на Градот, на инспекцијата и полицијата. И пак, ништо не се решило. 
 
Стефковски, преку социјалните медиуми информира дека знае оти “изминатиот период во неколку наврати сведоци сме на пожар на дивата депонија Вардарише кој покрај тоа што сериозно го загадува воздухот, претставува и сериозна опасност по безбедноста на жителите од овој дел на општина Гази Баба“.
 
Дури и со датум за претходниот поголем пожар: „Како при пожарот на 02.07.2024 година, така и при вчерашниот пожар имав постојана комуникација со институциите надлежни за постапување при вакви состојби, но и со голем број на жители од населеното место Кирил Петрушевски. Реакциите на граѓаните се оправдани, а нивните барања се мои барања!“, нагласува градоначалникот. 
 
„Ги прочитав сите коментари, објави и слично, но барам разбирање од граѓаните за ограничените надлежности за постапување кои ги имам јас како градоначалник, а и општина Гази Баба како локална самоуправа“, се правда тој.
 
Поучува дека општо познато е дека дивата депонија „Вардариште“ е во целосна надлежност на Градот Скопје за што „апелирам и барам од градоначалничката Данела Арсовска да издаде задолженија за реализација на своите надлежности“.
 
Од негова страна пак ги наброја задолженијата кои ги издал:
 
1.Секторот за инспекциски работи да продолжи да работи во две смени со зголемување на работното време во втората смена до 22:00 часот;
2.Секторот за инспекциски работи задолжително во текот на работното време и во втората смена да врши постојан надзор на дивата депонија Вардариште;
3.Секторот за инспекциски работи и Секторот за правни работи во текот на денешниот ден да изготват и до Основното јавно обвинителство Скопје да поднесат Иницијатива за покренување на кривична постапка против непознат сторител за загадување на амбиенталниот воздух, а очекувам Обвинителството преку превземање на истражни дејствија да дојде до сторителите и истите да бидат најстрого санкционирани;
4.Во текот на денешниот ден ќе биде испратено барање за постапување до инспекторатот при Градот Скопје во кое ќе побараме постојано дежурство на депонијата Вардариште и од нивна страна;
За многу скоро ќе започнат заедничките вонредни патроли на депонијата и околу неа во чии состав ќе бидат припадници на МВР и инспектори од општинската администрација.
 
А тоа скоро, досега не го дочекавме!
 
Ако се знае дека од крајот на деведесеттите години на минатиот век оваа дива депонија не се користи повеќе за таа намена, дека е под надлежност на градот, дека за неа има студија која вели за нејзино чистење потребни се 26 милиони евра ( и тоа пред 10 години, кога и е изработена студијата, а за целосно санирање дури 40 милиони евра), тогаш, какво е тоа однесување од надлежните, па градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, ко крајот на јануари годинава замина на депонијата со десетина соработници, каде присуствуваше на почетокот на расчистувањето на депонијата, од каде пак најави и мега парк?
 
Ако и се работеше од 27 јануари наваму, кој воопшто можеше да појде таму и да пали, макар кабли за оголување жици за да се добие металот, како што стандардно се претпоставува настанале пожарите на ова место?
 
И Данела како и нејзиниот колега од Општина Гази Баба за тоа соопшти преку социјалните мрежи. Новинар никако да викнат. А тие информации речиси секогаш се штури, само со оние информации со кои властите сакаат да се пофалат. Отсуствува чинењето, времетраењето, планот кога ќе заврши, динамиката и слично. 
 
А студијата за расчистување, која сугерира трошок од 26, односно 40 милиони евра – изгледа е џабе платена. Затоа што Данела во јануари тргна си багер да го расчистува „Вардариште“, на кој веројатно не му платила милионски суми. 
 
Од тогаш, досега, „Вардариште“ си гореше неколкупати, ама пак никој да се сети да направи студија колкумина од жителите на Ново Лисиче во Аеродром и Маџари во Гази Баба имаат последици од вдушувањето на отровниот чад кој доаѓа од таму, ниту какви се тие последици и колку пари за лекови дале. Губењето денови за да се оди по лекари и маката што ја имаат е гратис. (Б.Б.)