Стефанова: Од самиот старт на СЈО се оградив од Јанева


Фото. Б. Грданоски

Обвинителката Лиле Стефанова по денешното рочиште за случајот „Титаник“ истакна дека СЈО во моментот е во најтешкиот период. Таа тврди дека нема амбиција да ја завземе челната позиција во СЈО.

„СЈО во во овој момент се наоѓа во една од најтешките состојби што ги имала од основањето до денес. Затоа апелирам политичарите, сите чинители во државата да седнат и да го донесат законот за јавното обвинителство за да немаме прекин на постапките, не само на оние што се дадени во суд, ние имаме и сериозни истраги. Со неносењето на закон, со немањето на овластување, му даваме огромен простор на криминалот. Шефот е осомниничен за криминал од пред два дена. Јас сакам да кажам дека денес гледаме расчистување со криминалот и треба да бидеме горди на тоа, па дали ни бил шеф, колега или пријател, воопшто не е важно“, рече Стефанова.

На прашањето дали се оградува од Јанева, таа одговори:

„Јас ниту сум се доближила до Катица Јанева, од самиот старт се оградувам“, децидна е Стефанова.

Таа беше распитана во Јавното обвинителство за случајот „Рекет“. Какви одговори давала не сакаше да каже, напомена оти сѐ што знае – кажала.