Стефанова не знаела за снимката, подготвена е да соработува со Обвинителството за „Рекет“


Фото: Б. Грданоски

Обвинителката Лиле Стефанова која ја водеше истрагата за предметот „Империја“ на СЈО,  во која осомничен е бизнисменот Јордан  Камчев, денеска изјави дека очекува Обвинителстово за организиран криминал комплетно да го расчисти целиот случај „Рекет“ и оти таа ќе соработува и ќе ги сподели сите работи што ги знае.

Стефанова  рече дека не знаела за снимката што ја објави весникот „Ла Верита“ и оти денеска првпат ја видела.

– Не само што не сум знаела дека постои ваква снимка, туку сум и згрозена. Очекувам Обвинителстово за организиран криминал комплетно да го расчисти целиот случај. Јас ќе соработувам и ќе ги споделам сите работи кои ги знам, рече Стефанова.

Според обвинителката, истрагата за „Империја“ е поставена на здрави нозе, но оти со месеци е закочена поради начелното мислење кое го донесе Врховниот суд.

Стефанова не сакаше да го коментира соопштението на СЈО, во кое се наведува дека со снимката поврзана со случајот „Рекет“ која што ја пренесоа повеќе медиуми, „недвосмислено се потврдува дека нема конекција помеѓу изреченото на снимката и предлозите кои што се носени од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и одлуките на судовите“, велејќи дека не го видела.