Стефанија Насеска: “The Great” е колекција за прифаќање и почит кон различностите (галерија)

Колекцијата претставува восхит кон ликот и приказ на космополитски залагања и погледи на Големиот Александар кон светот, а поради јубилејната десетка во оваа колекција има елементи од секоја претходна


Македонската модна дизајнерка Стефанија Насеска синоќа на Скопскиот Моден Фестивал во Скопје Сити Мол ја претстави колекцијата за пролет-лето 2022 насловена како “The Great“ инспирирана од Александар Македонски и целосно модно преведена и прилагодена на современите модни трендови.

– Оваа колекција е со посебно значење за мене бидејќи го одбележува десет годишниот јубилеј од прикажувањето на мојата прва самостојна колекција. И токму поради тоа изборот за инспирација паѓа на лик кој според мене претставува моќ, вели таа.

Колекцијата претставува восхит кон ликот и приказ на космополитски залагања и погледи на Големиот Александар кон светот, а поради јубилејната десетка во оваа колекција има елементи од секоја претходна.

– Доколку ме запрашате зошто токму Александар и таква скокотлива тема ќе одговорам дека уметноста и креативноста не препознаваат граници и според мене тој е лик со кој треба да се гордее цел Балкан. Прифаќање и почит кон различностите тоа е она кое нас како луѓе не прави големи или The Great, додава дизајнерката Насеска.

Токму тоа и го асоцира различноста и шаренилото на материјалите кои се инспирирани од античките мозаици.Како детали се среќаваат лавот и сонцето, а исто така и преовладува белата боја, овие и многу други елементи се  заштитни симболи на античкото македонско кралско семејство.

– Дури и панделките во колекцијата не се ставени случајно, туку тоа е моден превод на тројните-дупли секири кои се симбол за авторитет. За колекцијата концептуално да биде издржана изработив ташни во форма на штитови со утре модерен ‘patchwork’ дизајн и шлемови во форма на лавовска глави, појаснува модната дизајнерка.

Колекцијата доживеа едно фантастично промовирање на првата сезона од  Скопскиот Моден Фестивал и ќе биде достапна во showroom-от на приземје во Скопје Сити Мол започнувајќи од вечерва 07ми март од 19 часот па се до 27ми март.