Стефан Богоев е нов директор на Царинската управа, Кутиров ќе гради меѓународна кариера


Фото: Б. Грданоски

Потпретседателот на СДСМ и поранешен градоначалник на општина Карпош, Стефан Богоев, денеска на попладневната седница на Владата беше именуван за нов директор на Царинската управа.

Богоев го презеде местото на Славица Кутиров, која се повлекла од директорската функција, потврдија од Владата.

Богоев и во 2021 година, по завршувањето на градоначалничкиот мандат во општината Карпош, се споменуваше како сигурен кандидат за директорското место во Царина. Но, наместо тоа доби партиска функција.

Претходно, Кутиров со соопштение до медиумите информира дека на денешната седница Владата  ја прифатила нејзината оставка од функцијата директор на Царинската управа, поднесена од лични причини, а со цел понатамошен развој на нејзината професионална кариера на меѓународен план. 

-Сакам да се заблагодарам на Владата и на премиерот Димитар Ковачевски за безрезервната поддршка во изминатите две години, што придонесе Царинската управа да прерасне во една од водечките професионални и технолошки напредни институции во државата. 

На нејзиниот наследник му посакува успешна работа и, како што вели, уште подобри резултати.