Ставени во функција два багери за ископ на јаглен во рудникот „Суводол“

Два багери за ископ на јаглен во рудникот „Суводол“ повторно се ставени во функција, информираа од РЕК „Битола“.

„Багерските единици СРс 630/1 и СРс 323 за ископ на јаглен во рудникот ‘Суводол’ се
повторно ставени во функција. Ископот продолжува согласно предвидениот план за производство на електрична енергија, како и потребите на електроенергетскиот систем на земјата“, соопштија од најголемиот производител на електрична енергија во земјава.

Од таму нагласуваат дека двата багери за ископ на јаглен се ставени во функција само неколку денови по поплавите што го зафатија рудникот „Суводол“. Санирањето на состојбите продолжува со несмален интензитет и покрај тоа што исполнета е првичната цел – континуиран дотур на јаглен за Термоелектраната Битола. Испумпувањето на водата и калта што ја оставија зад себе поплавите, продолжува и во наредниот период, се до целосно оспособување и повторно ставање во функција и на најголемиот багер за ископ на јаглен – КУ 300.
Во надминување на последиците од елементарната непогода, од самиот почеток вклучено е комплетното раководство на АД ЕСМ и на РЕК Битола, како и сите вработени во Рудникот Суводол и во комбинатот. Со натчовечки заложби, работа и дење и ноќе, санацијата на последиците од поплавите во Рудникот Суводол засега се одвива со задоволителна динамика, се вели во соопштението до медиумите.