Ставањето на црната листа на САД му пресуди на Александар Вулин

На 11 јули беше објавено дека Вулин е на списокот на оние кои се под американски санкции, а САД го обвинија за вмешаност во „организиран криминал, трговија со наркотици“


 

Александар Вулин објави дека поднесува оставка од функцијата директор на Безбедносно-информативната агенција (БИА) на Србија, наведувајќи дека САД и ЕУ ја бараат неговата глава како предуслов да не воведат санкции кон државата. На 11 јули беше објавено дека Вулин е на списокот на оние кои се под американски санкции, а САД го обвинија за вмешаност во „организиран криминал, трговија со наркотици“ и дека со злоупотреба на јавната функција тој му помогнал на трговецот со оружје Слободан Тешиќ неговите „илегални пратки оружје слободно да се движат низ границите на Србија“ и ѝ обезбеди на Русија „платформа за натамошно, малигно влијание во регионот“.

Во изјава за медиумите, Александар Вулин рече: „Јас не сум причина за уцени и притисок врз Србија и српскиот свет, но нема да дозволам да бидам причина за уцени и притисок врз Србија и српскиот свет. Затоа поднесувам неотповиклива оставка од функцијата директор на БИА“.

САД во соопштението наведоа и дека делата на Вулин „ја унапредиле корупцијата во владините институции во Србија“.

Вулин, како што е наведено, ги користел позициите што ги има „за лична корист“, „вклучително и вмешаност во синџир на трговија со дрога“. „Тој ги искористи своите јавни позиции за да ја поддржи Русија, олеснувајќи ги руските малигни активности кои ја деградираат безбедноста и стабилноста на Западен Балкан и обезбедувајќи и на Русија платформа за натамошно влијание во регионот. Вулин е директор на Безбедносно информативната агенција на Србија, а претходно беше министер за одбрана и министер за внатрешни работи. Овие институции не се цел на овие санкции“, се наведуваше во соопштението на веб-страницата на Министерството за финансии на САД.

Овие санкции имаат ефект, како што е наведено, на замрзнување на имотот што може да го има санкционираното лице во САД, но тие исто така значат дека на американските државјани, како и на американските компании и институции, како и на банките кои работат во САД, им се забранува од вршење трансакции со на санкционирано лице.

После тоа, Вулин исчезна од јавноста, а медиумите пишуваа дека е речиси сигурно дека ќе ја напушти функцијата шеф на БИА. Весникот „Данас“ неодамна објави дека на негово место ќе дојде некој од редовите на партијата на Вучиќ, додека заменик-директорот на БИА ќе биде одо СПС.

Вулин јавно се појави во средината на септември на прославата на годишнината од операцијата „Халијард“ (акција за спасување на соборените сојузнички пилоти во Србија за време на Втората светска војна – н.з.), настан организиран од амбасадата на САД. Претседателот Вучиќ рече дека Вулин добил покана, а амбасадата на новинарите им одговори дека лично не го поканиле да присуствува.

Вулин на чело на БИА дојде на 2 декември минатата година, со свечено примопредавање на должноста меѓу него и министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, со што всушност тие си ги заменија функциите.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека американските санкции против директорот на БИА се негова (на Вучиќ) одговорност бидејќи тој „не вовел санкции кон Русија“.

„Да најавив воведување санкции против Русија само еден ден претходно, санкциите врз Вулин немаше да бидат наметнати“, рече Вучиќ во јули на телевизијата Пинк.