Статусот на Вангеловски замрзнат до есен


Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, сепак, ќе почека до есен за да дознае дали ќе биде разрешен од функцијата. Иако прашањето за утврдување негова одговорност требаше да се отвори на вторничката седница на Судскиот совет, оттаму стигна информација оти таа точка воопшто не била планирана на дневниот ред. На состанокот, продолжила расправата за одговорноста на тројца судии од Апелацискиот суд и еден од Основниот суд во Куманово, но и таму е запрена постапката откако барателот ја повлекол иницијативата.

Всушност, меѓу правната фела проструија шпекулации дека постапката е запрена и за Вангеловски, но и за поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, по жалбата на одлуката од последната седница за негово суспендирање.

„Нема вистина во тие шпекулации, затоа што за Вангеловски и за Панчевски воопшто не разговаравме. Тие не беа ставени на дневниот ред. Ќе бидат на некоја од наредните седници. Во почетокот на септември ќе се комплетираме по годишните одмори и ќе закажеме следна седница“, вели Киро Здравев, претседател на Судскиот совет во изјава за „Независен весник“.

Барањето за разрешување на Вангеловски е „замрзнато“ уште на седницата од 17 јули годинава. Тогаш точката беше одложена затоа што новоизбраниот член на Судскиот совет, Миљазим Мустафа, кој беше избран по предлог на шефот на државата, Стево Пендаровски, изјавил дека доцна ги примил материјалите од извештајот на тричлената комисија од Судскиот совет, која предложи разрешување на првиот човек на Врховниот суд.

Проценките беа дека изминатите четириесетина дена биле доволни за Мустафа да ги проучи материјалите за да може да донесе одлука.

За тоа време, Вангеловски беше актуелен во јавноста, како што и Врховниот суд деновиве сè почесто се спомнува во политичко-правни кругови во контекст на аферата „Рекет“. Причина за тоа е начелното правно мислење што го донесе Врховниот суд, а според кое е незаконско сè што СЈО преземало по 30 јуни 2017 година. Со тоа, практично, му беа врзани рацете на СЈО во однос на случајот „Империја“ во кој првоосомничен е бизнисменот Орце Камчев кој, пак, потоа го пријави „Рекет“ во Јавното обвинителство.

Премиерот Зоран Заев неодамна излезе со предупредување дека некој во Судскиот совет го кочи, односно одолговлекува донесувањето на одлуката за разрешување на Вангеловски. Проценките се дека Заев алудираше на членови на Судскиот совет блиски до ДУИ, со оглед на тоа што оваа изјава ја даде откако градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, обвини дека премиерот телефонски барал од него да влијае врз членови на Судски совет за разрешување на претседател на еден суд во државата. Откако одбил, следуваше најавата на Антикорупциската комисија дека ќе му поднесе кривична пријава поради дивоградбите на Матка.

„Беџети, политичарите и граѓаните добро знаат дека постојаното одложување на одлуките во Судскиот совет, во Врховниот суд, во апелациските судови, како и во основните судови низ државата се една од најсериозните причини за бавното враќање на правната држава и делењето на правдата“, рече Заев.

Киро Здравев дојде на позицијата претседател на Судскиот совет на местото на Зоран Караџовски, кому му истече мандатот. Инаку, ова тело кое унапредува и разрешува судии, истражува несовесно постапување кај шефот на Врховниот суд, Јово Вангеловски и колегите кои го пуштија од притвор бизнисменот Сеад Кочан да се брани од слобода и му го укинаа притворот.

Горан Адамовски