Статсуот на СЈО по одморите во Собрание


Фото: Б. Грданоски

Пратениците ќе го решаваат статусот на Специјалното јавно обвинителство по одморите, собранискиот спикер го стави владиниот предлог за Законот за јавно обвинителство на седница на 27-ми август, објави Телма.

Дотогаш партиите треба да постигнат политички консензус, откако ВМРО-ДПМНЕ презентираше своја верзија за тоа како треба да биде реформирано новото СЈО. Финална верзија на нивниот предлог закон не е објавена, но опозицијата останува на ставот дека преговори со власта се можни само доколку се прифати нивното барање за предвремени избори.

„Да ги дозавршиме техникалиите во однос на текстот, ќе излеземе за тоа дали ќе го предложиме или кои ќе бидат понатамошните чекори. Можеби Зоран Заев ќе се согласи на лидерска средба каде ќе се разговара за датум за предвремени парламентарни избори. Да почекаме уште неколку денови“, рече Димче Арсовски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски вчера на прес-конференцијата најави дека ќе изработат сопствено законско решение за јавното обвинителство кое, како што рече, ќе се темели на вистинските темели и бескомпромисна битка против криминалот и корупцијата.

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е обвинителите на СЈО по престанокот на мандатот да се вратат во матичните обвинителства.

Во однос на предметите на СЈО, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е сите предмети до 30.06 2017 година, наместо да бидат преземени од новото обвинителство, да бидат преземени од државниот јавен обвинител и прераспредени онаму каде овие дела припаѓаат.
Премиерот Зоран Заев најави дека викендов ќе го разгледа и предлогот на Мицкоски. Сепак, СДСМ ги повикува во собраниска расправа да ги истакнат забелешките.

„За политички консензус во делот на Законот можеме да говориме во Собрание. Значи колегите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и сите останати, ја имаат можноста во амандманска расправа, она што сметат дека може да биде подобрено, да ги спротивстават аргументите и да видиме што од тоа може да биде во функција на подобрување на текстот на Законот за јавно обвинителство“, рече Снежана Калеска Ванчева – пратеничка од СДСМ.

Републичкиот обвинител Љубомир Јовески во интервју за тв 24 вели дека, решението на ВМРО-ДПМНЕ „не е рационално, но не значи и дека е неизводливо“. Смета дека, и во таква ситуација, според надлежноста, најголем дел од предметите би припаднале токму во новото специјализирано одделение за гонење висока корупција и не гледа друга поента во него, освен да се создаде хаос. Префрлањето на сите случаи на СЈО во други обвинителства ќе одземе многу време, затоа што на новите обвинители ќе им бидат потребни месеци за да ги проучат предметите. Не верува дека ова ќе биде прифатено од мнозинството и со оглед на фактот дека, во СЈО е вложено премногу време и ресурси за да се сработат предметите“.

Деновиве во посета на земјава беа Рикер и Хан кои порачаа дека мора да се осигура судбината на СЈО и дека никој не може да биде амнестиран поради изминување рокови.