Стартуваше ПЛАТФОРМ.МК, повеќејазичен портал за млади новинари од Балканот

Отворен е ПЛАТФОРМ.МК, нов повеќејазичен веб портал за млади новинари од Југоисточна Европа. Основната идеја на овој проект е создавањето слободен простор кој ќе ги поттикне младите новинари од Балканот да истражуваат и анализираат теми кои ги промовираат човековите права, родовата еднаквост, интерсекцискиот феминизам, климатските промени, културата, архитектурата, правата на ЛГБТИ лица.
„Идејата за оваа платформа е да се соедини младината на Балканот, каде што сметам дека поголемиот број млади лица се соочуваат со слични проблеми, како и да се започне разговор на теми кои сѐ уште се сметаат за табу на Балканот,“ вели Рушка Бабиќ од ПЛАТФОРМ.МК.
„Нашата цел е да создадеме медиумски простор кадешто младите новинари од регионот ќе се чувствуваат слободни да пишуваат на теми кои се општествено релевантни, со фокус на родовата еднаквост, човековите права, климатските промени и правата на ЛГБТИ лицата, а воедно и да ја имаат опцијата да ги објават своите стории на повеќе јазици,“ вели Гала Насева од ПЛАТФОРМ.МК.
Уредничкиот одбор на веб платформата веќе соработува со неколку национални и меѓународни доброволни и законски организации кои промовираат слобода на медиуми, човекови права, владеење на правото, права на животните, екологија, слобода на говор, родова еднаквост и демократски вредности.