Стартуваше Македонската берза на електрична енергија, на првиот ден истргувани 500 мегават часови, просечната цена 7.125 денари


Денеска официјално почна тргувањето на Македонската берза на електрична енергија при што на тргувањето учествуваа 20 од вкупно 22-те компании кои склучија договор со МЕМО за учество на берзата. Беа истргувани околу 500 мегават часови електрична енергија или во просек околу 20 мегават часови во час со просечна цена од околу 7.125 денари која е приближна на цените во регионот и во Европа. 

„Овој ден ќе го запаметиме по тоа што денеска во 10:35 часот за првпат се затвори портата за тргување на Македонската берза на електрична енергија, со што се означи почетокот на функционирањето на организираниот пазар, пазарот ден – однапред во нашата земја“, рече управителот на Националниот оператор на пазарот  на електрична енергија – МЕМО, Симон Шутиноски на настанот со кој се означи офцијалниот почеток на работата на берзата.

Тој нагласи дека со ова се добиват референтни цени на македонскиот пазар на електрична енергија, кои се однесуваат на домашната побарувачка и понуда.

„Денеска се случи безбедно и без никаков проблем тргување на електричната енергија на нашиот организиран пазар, рече Шутиноски.

Осврнувајќи се на процесот на воспоставување на организираниот пазар на електрична енергија, тој посчи дека не бил лесен, како и дека бил исполнет со повеќе предизвици.

Процесот почна со донесување на Законот за енергетика во 2018 година со кој беше транспониран третиот енергетски пакет од европското законодавство во домашното, и се создадоа услови за воспоставување на организиран пазар на електрична енергија. Следуваше период на истражување на пазарот, се работеа студии за институционална поставеност на организираниот пазар, пазарот ден-однапред, за во 2020 година Владата на предлог на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги да го назначи Националниот оператор на пазарот  на електрична енергија  – МЕМО за Номиниран оператор на пазар на електрична енергија, популарно кажано NEMO, низ процес согласно европската CACM регулатива, со што во тој момент Македонија беше прва земја од земјите од Западен Балкан, која го исполни овој услов од европското законодавство, посочи Шутиноски. 

Потоа следувал процес на изнајмување на трговска платформа и платформа за клиринг и финансиско порамнување, при кој се склучи договор со денешните партнери BSP South Pool – словенечката берза на електрична енергија и EPEX SPOT – европска берза на електрична енергија со седиште во Париз, која е една од најголемите берзи во Европа, застапена во повеќе од 15 западно-европски земји. 

„Со отпочнувањето со работа на берзата ќе поттикнеме ефикасна конкуренција во производството, трговијата и снабдувањето со електрична енергија, обезбедуваме оптимална употреба на инфраструктурата за пренос на електрична енергија, обезбедивме чесен, транспарентен и недискриминаторен третман на учесниците на пазарот ден – однапред, обезбедуваме и подобрување на транспарентноста и довербата во информациите, и почитување на потребата за чесен пазар на електрична енергија и чесно и пазарно формирање на цените за електрична енергија“, рече Шутиноски.

Тој нагласи дека Берзата на електрична енергија ќе поттикне зголемени инвестиции во производствени капацитети на електрична енергија од обновливи извори, со тоа што инвеститорите ќе имаат организиран пазар, каде ќе можат да ја продаваат произведената енергија. На трговците и снабдувачите на електрична енергија, па дури и на големите директни потрошувачи ќе им овозможи да ги оптимизираат своите портфолија и да го планираат своето работење.

Премиерот Димитар Ковачевски, кој е во посета на САД, во писмо испратено до МЕМО по повод почетокот со работа на правата Македонска берза за тргување со електрична енергија истакна дека работата на оваа берза, значи сигурност за производството на струја, сигурност за  болниците, за училиштата, за сите институции, коишто набавуваат енергија на либерализираниот пазар  – односно стабилно снабдување со струја и можност за ефикасна набавка на достапни количини на струја.

„Денешниот ден е уште еден голем и значаен ден за економијата и за перспективите на граѓаните и на Република Северна Македонија. Стартува со работа првата македонска берза за тргување со електрична енергија. Снабдувачите на енергија за индустријата и институциите, како и трговците, повеќе нема да бараат енергија на странски пазари. Преку берзата за тргување со електрична енергија, на македонскиот пазар, ќе се побарува и добива електрична енергија. Снабдувачите ќе побараат и платат енергија денес и ќе ја добијат веднаш – утре, порача премиерот Ковачевски во писмото.

За компаниите и за инвеститорите, додаде, почетокот со работа на берзата значи можност за транспарентно и недискриминирачко тргување со електрична енергија. За државата и за граѓаните, значи можност за нови странски инвеститори, коишто ги мотивираме да инвестираат во обновливи извори на енергија во земјава. 

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во својот говор рече дека отворањето на берзата на електрична енергија не е крајната цел, туку е само еден од многуте чекори кои ги преземаме при создавањето на современ енергетски пазар во нашата земја. Сопствената берза на електрична енергија, како што кажа, ќе има значајно економско и енергетско влијание во регионот и е подготвена за регионално поврзување на пазарите на електрична енергија водејќи се од паневропскиот модел на пазар на електрична енергија

„Ова е историски момент за нашата земја, за нашата енергетика и за нашата економија. Со отпочнувањето со работа на берзата на електрична енергија нашата земја се придружува на еден високо конкурентен и динамичен европски пазар на електрична енергија, кој понатаму ќе ни овозможи поврзување на домашниот пазар на електрична енергија со пазарите од соседството и исполнување на нашите енергетски потреби на најефикасен начин. Берзата на електрична енергија ќе овозможи конкурентен пазар на кој транспарентно, недискриминирачки и ефикасно ќе се тргува со електричната енергија односно размена на понудата и побарувачката на електрична енергија во земјата“, рече Битиќи.

Се надевам, посочи, дека Северна Македонија ќе ја искористи својата географска положба и добрата интерконекциска поврзаност со соседите за што е можно поскоро регионално поврзување со пазарите на електрична енергија од ЕУ и регионот на Западен Балкан, кое ќе донесе ликвидност на берзата на електрична енергија, поголеми текови на електрична енергија и конкурентна цена на електричната енергија на либерализираниот пазар.

Изјави на вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, управителот на МЕМО, Симон Шутиноски и и претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, по официјалното отворање на Македонската

Со отпочнувањето со работа на берзата на електрична енергија, додаде, стануваме дел од европското семејство на организирани пазари на електрична енергија. 

„Нашата земја, преку МЕМО сега ќе се стреми да се поврзе со соседните организирани пазари согласно Пан-европскиот модел, и тоа е големо постигнување. Со ова, се отвораат многу нови можности за развој и просперитет на нашата земја и привлекување на нови инвеститори во производствени капацитети од обновливи извори на енергија како што се сонцето, ветерот итн. Сето ова придонесува за создавање на уште подобри улови за потенцијалните странски инвеститори во делот на производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, како и поголема стабилност на енергетскиот систем во државата“, прецизира Битиќи.

Заменик-амбасадорот на САД во земјава, Ерик Мејер во обраќањето пред присутните истакна дека берзата преку размена на електрична енергија ќе овозможи голем број бенефиции за Северна Македонија, ефикасно креирање на цените на електрична енергија, но и бенефиции за заинтересираните инвеститори.  

Нагласи дека берзата, особено поволно ќе влијае на секторот за обновливи извори на енергија и врз напорите на земјата за зголемување на количините на обновлива енергија, што ќе даде поттик за придвижување кон декарбонизирачката енергетска иднина.  

Мејер рече дека лансирањето на берзата исто така овозможува поттикнување на поголема енергетска интеграција во Европа во однос на дизајнирањето на пазарот на струја. Додаде дека се отвора можност за усогласување на сопствениот пазар со соседните пазари за струја и се помага во оптимизирање на ресурсите во регионот. 

„Ги охрабрувам сите трговци со струја во регионот, снабдувачи и оператори со обновливи извори на енергија активно да ја работат својата работа и да се вклучат во пазарот ден однапред“, истакна Мејер. 

Тој додаде дека САД се горди поради партнерството со Владата на Северна Македонија и нагласи дека ова е дел од процесот за воспоставување на енергетски мост меѓу САД и ЕУ, кој ќе овозможи пристапна енергија за сите и зголемена енергетска безбедност и стабилност.  

„Заедно можеме да изградиме енергетска отпорност, да креираме можности за инвестиции и да ги зајакнеме врските со ЕУ. САД ќе продолжат да ја подржуваат Северна Македонија во нејзините натамошни чекори за интегрирање во паневропскиот пазар на електрична енергија“, нагласи Мејер.  

Директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Артур Лорковски во видео обраќање истакна дека креирањето на конкурентен пазар за тргување со електрична енергија е една од целите на Европската комисија, но додаде дека, крајната цел е да има целосна интеграција и поврзување со останатите пазари на електрична енергија, односно да има еден единствен пазар на електрична енергија на ниво на Европската Унија.

„Уверен сум дека отворањето на денешниот пазар ден – однапред  во Северна Македонија ќе овозможи во иднина да може да се приклучиме на единствениот пазар ден – однапред и да имаме соодветно прекугранично поврзување. Воведувањето на пазарот ден – однапред ќе овозможи да се направи уште многу и ќе може да се повикаат потенцијални инвеститори“, порача Лорковски.