Топлификација на Битола, Могила и Новаци не е веќе мит – почна изградбата


Од почетокот на изградбата на топлификациската мрежа

Од 2005 година се најавуваше изградбата на топликациската мрежа од РЕК „Битола“. Денеска започна нејзината изградба во кругот на енергетскиот комбинат

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Не е мит топлификацијата за Битола, најавувана уште 2005 година. Денеска започна изградбата на системот за топлификација за трите пелагониски општини –  Битола, Могила и Новаци кој ќе користи топлинска енергија од РЕК „Битола“. Со градежните работи се започна токму од кругот на комбинатот, од изворот на енергијата, блоковите за производство на струја.

Топловодот стана мит за битолчани, а имаше и зошто – ВМРО-ДПМНЕ на оваа „карта“ ги доби гласовите на битолчани во 2005 на локалните избори и ништо не стори за да го изгради. Па топловодот стана неверојатна приказна која траеше и се повторуваше на сите следни локални и парламентарни избори каде претерувањето на политичарите во давање на рокови кога ќе биде завршен проектот, по што го направи уште поневеројатен кога ќе биде изграден.

Топловодот беше најавуван и од бившата локална власт предводена од СДСМ. Денеска на официјалниот настан по повод изградбата беше нагласено дека после 40 години постоење на РЕК „Битола“ и долги години размислување за неговата реализација, топлификацијата за Битола, поради големи претходни пропусти во планирањето, сега стигна  до почеток на изградба на терен.

„Така како што беше смислен и поставен проектот беше економски неисплатлив и еколошки неприфатлив. Прво, претходно немаше стратегија што со топлификацијата кога РЕК ‘Битола’ веќе нема да произведува струја од јаглен. Сега имаме решение на тоа прашање – стратегијата е замена на дел од капацитетот на РЕК со когенеративна електрана на гас, која ќе произведува електрична и топлинска енергија. Имаше нерешени имотно-правни односи по текот на трасата на топловодот. Тоа прашање го решаваме сега, со експропријација. Овој проект од исклучително значење за Битола, Новаци и Могила треба да биде еколошки, а претходно беше предвидено да има потстаница за догревање на влезот во Битола која ќе работи на мазут, што е недозволиво. И тоа го решивме – сега ќе има потстаница на природен гас“, рече генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски на настанот во РЕК „Битола“.

според планот на топлификацијата за почетокот треба да се приклучат 35 државни и општински институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот

За времето на екс-градоначалникот Владимир Талески, една зима беше ископан тротоарот на потегот од општинската зграда и институциите под и над истиот булевар, но како падна снегот така го затрупа и ископаниот канал.

Сега, според планот на топлификацијата за почетокот треба да се приклучат 35 државни и општински институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во пелагониските општини.

Трасата на топловодот со тоа што ќе поминува низ Новаци и Могила, ќе даде можност за загревање на земјоделските оранжерии и објекти, со што ќе биде од корист и на развојот на земјоделието во најголемата житница Пелагонија.

Според најавите и плановите изведувачот има рок од две години за изведување на првата фаза од проектот за која е потпишан договорот, а тоа е ископ за трасирање на топловодот и поставување на топловодните цевки од РЕК „Битола“ до градот Битола, како и секундарна, односно дистрибутивна мрежа во градот, по што следува втората фаза во која ќе бидат поставени потстаници кои ќе го поврзат цевководот со РЕК и цевководот со разгранетата дистрибутивна мрежа низ градот Битола. Во третата фаза ќе бидат поставени потстаници на институциите кои ќе бидат приклучени на греењето.

„Еколошките придобивки од Топлификацијата се исклучително значајни. Со воведување на ваков вид на греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива кои загадуваат, како во институциите така и во домовите“, рече Ковачевски.

За министерот за економија, Крешник Бектеши, кој денеска беше присутен во РЕК „Битола“ Владата е посветена на реализација на проекти кои ќе значат намалување на загадувањето и потрошувачката на електрична енергија и зголемување на енергетската ефикасност како и безбедноста и сигурноста на дистрибутивната мрежа на електрична енергија.

„Неефикасните технологии придонесуваат за зголемено загадување и глобално затоплување. Реализацијата на овој проект за изградба на топлификациона мрежа во Битола, Новаци и Могила ќе има големо влијание врз зачувување на животната средина, а од друга страна ќе ги намали трошоците кај домаќинствата за загревање, односно ќе има поконкурентни цени од другите енергенти кои се користат, што е наш најголем приоритет“, изјави министерот Бектеши.

Проектот Топлификација на Битола, Могила и Новаци финансиски главно се потпира на кредит од германската KFW банка во вредност од над 40 милиони евра, а АД ЕСМ ќе инвестира 7 милиони евра.

Реализацијата на топловодот и гасоводот беше ветувања што на овие локалните избори ги даде и актуелниот градоначалник на Битола Тони Коњановски.