Стартот на учебната година без настава


Првиот училиштен ден најверојатно ќе почне со предупредувачки штрајк на просветните работници за зголемување на платите за 25 отсто. Под притисок на членството, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) донесе одлука на 2 септември да стапи во предупредувачки штрајк. Тоа значи дека првиот училиштен ден во дејностите основно и средно образование ќе биде ненаставен. Одлуката е донесена, но не се исклучува можноста во последен момент таа да биде променета.

„До крајот на неделава очекуваме уште една средба со Министерството за образование. Доколку тие останат на ставот, односно на ветувањето дека во септември ќе има покачување на платите само за пет отсто, тогаш ќе се оди на предупредувачки штрајк“, појаснува за „Независен весник“ потпретседателот на СОНК, Фатон Чиче.

Штрајкот ќе биде еднодневен, односно нема да се одвива во континуитет. Ќе се протестира само на 2 септември, а потоа за утврдување на следните чекори дополнително ќе одлучува Советот на СОНК. Последната одлука на Советот е да се интензивираат преговорите со МОН, а најдоцна до крајот на септември да се утврди процентот на зголемување на платите кај вработените во сите сфери на образованието, како и утврдување на терминот и процентот за зголемување на платите за 2020 година. Доколку до предвидениот термин не се најде прифатливо решение, Советот на СОНК на почетокот на октомври ќе одржи седница на која ќе се утврдат идните чекори, не исклучувајќи го генералниот штрајк во сите степени на образование.

„Просветниот кадар како еден од најзначајните општествени сегменти е на маргините на егзистенцијата и нивната мотивација за работа се намалува. Платите на просветните работници се под просечната плата во државата. Почетната плата на наставник, да речеме, е нешто над 21.000 денари, а просечната плата во државава е над 24.000. Со барањето за зголемување на платите од 25 отсто ќе се дојде до своевидно нивелирање во однос на просечната плата. Знаеме дека подолг временски период платите на наставниците стојат во место, освен едно мало зголемување што имаше претходната година од пет отсто. Сега ветуваат нови пет отсто, што е многу малку. Во изминатиот период реални зголемувања речиси не постоеја. Некогаш просветните работници беа во рамките на просекот, но сега се подалеку од него. Од 2006 година наваму постојано паѓаат надолу“, вели Чиче.

Разговорите меѓу МОН и СОНК засега не даваат резултати. Владата не го прифати барањето за зголемување на платите. Министерот за образование Арбр Адеми штрајкот го смета како непотребен.

„Штрајк се организира тогаш кога нема решение. Ние нудиме решенија, 5 отсто во 2018 година, 5 отсто во 2019 година и ќе има уште едно зголемување на платите во образованието. Но, колку долго ќе трае и кога, не можам да кажам сега затоа што не ги разгледавме сите параметри, сè уште немаме јасна слика. Од обврските што ги преземавме како држава, за следната година кога податоците ќе бидат појасни, тогаш ќе излеземе пред јавноста и ќе кажеме колку ќе биде зголемувањето на платите“, изјави Адеми.

Новиот закон за наставници, според министерот, дополнително ќе ја подобри улогата на сите наставници кои ќе имаат можност за напредување.

СОНК вчера доби поддршка и од Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија – САДУ кој функционира во рамките на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија. Тие, како што стои во соопштението, ги охрабруваат просветните работници да истраат во својата синдикална борба за подобрување на нивниот социо-економски статус и на располагање ја нуди својата логистика, односно нуди ресурси со цел, како што велат оттаму, да се врати достоинството на просветниот работник.

Синдикатот потсетува дека во изминатиот период повеќепати реагирал за висината на платите во јавниот сектор и своите барање ги истакнал на протестите што ги организираше Конфедерацијата. (Н.К.)