Старите партнери на „Илинденска“ повторно на иста маса


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари завчера прва средба со новата амбасадорка на САД во Скопје, Кејт Брнс. Ако се суди според штурото соопштение што го испратија од ВМРО-ДПМНЕ потоа, средбата била повеќе протоколарна, по што Мицкоски веројатно не почувствувал потреба да го смени ставот во однос на денешната лидерска средба, која премиерот Зоран Заев ја закажа само еден час пред шефицата на СЈО, Катица Јанева, да поднесе оставка и пред да одекне веста за апсењето на Боки 13.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера потврдија дека Мицкоски нема да се појави на попладневната лидерска средба во Клубот на пратеници. Според претседателката на Унијата на жени Благица Ласовска, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека ако воопшто се одржи лидерска средба на која ќе присуствува Мицкоски, тогаш таа ќе биде исклучиво за предвремени избори. Соговорници од белата палата велат дека Мицкоски веќе нема намера да му дава легитимитет на Заев, а што се однесува до прашањата што премиерот ги стави на дневен ред на лидерската средба од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека за нив се водат разговори во работни групи во парламентот.
За средбата со новата американска амбасадорка во земјава, пак, од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека Мицкоски ѝ посакал добредојде и изразил надеж дека соработката во текот на нејзиниот мандат ќе биде во насока на подобрување на стратегиските односи помеѓу, како што е наведено, Република Македонија и САД. Како што се посочува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, во кое и овој пат нашата земја се нарекува според старото име, Мицкоски нагласил дека за ВМРО-ДПМНЕ пријателството помеѓу двете земји е од особено значење. Тој посочил дека за партијата клучен стратегиски интерес е членство на земјава во НАТО и ЕУ.
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, соопштението од првата средба на лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, со амбасадорката Брнс е посодржинско и во него, очекувано, стои новото име на државата Северна Македонија. Од ДУИ соопштија дека соговорниците разговарале за заедничките достигнувања во насока на општествената кохезија, договорите со Атина и Софија и патот кон НАТО и Европската Унија.
„Ахмети истакна дека ни претстои уште многу работа, посебно во насока на владеењето на правото и реформите, вклучувајќи ги тука и одговорноста и отчетноста. Нашата земја чекори кон евроатлантската интеграција и задолжително треба да ги исполни бараните стандарди, додека ДУИ ќе продолжи да биде партнер во реализација на реформите за доброто на нашите граѓани“, стои во соопштението од ДУИ.
Се очекува Ахмети денеска да биде еден од соговорниците на Заев во Клубот на пратеници, покрај Зијадин Села од Алијансата за Албанците, која, по повлекувањето на НДП од парламентот, сега има тројца пратеници. Со оглед на најавеното отсуство на Мицкоски средбата во овој состав е специфична, со оглед на тоа што Заев – Ахмети – Мицкоски е „трилингот“ кој беше базата на првиот владин кабинет по смената на власта во средината на 2017 година. Потоа Алијансата ја напушти коалицијата и замина во опозиција, главно, поради несогласувања со ДУИ и одземањето на министерското место во здравство.
Тројцата партиски лидери, како што е најавено, треба да разговараат очи в очи за законот за попис, за статусот на СЈО и за измените во изборната регулатива. Сепак, проценките се дека овие три прашања тешко ќе се затворат без партиципација на најголемата опозициска партија. За донесување на законот за јавно обвинителство, со кој е опфатено и СЈО, е потребно двотретинско мнозинство, така што очекувањата се дека ВМРО-ДПМНЕ дополнително ќе ги засили опструкциите по новонастанатата ситуација со аферата „Рекет“. За законот за попис и за Изборниот законик е „доволно“ апсолутно мнозинство од 61 глас, ама станува збор за регулативи што вообичаено се носат со консензус, затоа што без тоа се ризикува влегување во политичка нестабилност при нивната примена.
Што се однесува до барањето на опозицијата за предвремени избори како главна точка на новата лидерска средба, премиерот Заев засега го затвори ова прашање, со одговорот до Мицкоски дена не исполнува желби за избори. Заев во средата рече дека очекува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се појави на лидерската средба, истакнувајќи дека тој, како еден од политичките партиципиенти, ќе продолжи да ги турка процесите што ќе ја внесат државата во НАТО и ЕУ и ќе придонесат за јакнење на економските параметри во земјава.
Соговорници од „Бихаќска“, пак, коментираат дека не се изненадени од одбивањата на ВМРО-ДПМНЕ да учествува на претстојната лидерска средба, со оглед на постојаните политики на бојкот на новото партиско раководство, што најмногу дојде до израз за време на референдумот за името, но и претходно, кога требаше да се распише референдумот и да се избере нов состав на ДИК, а опозицијата ги условуваше процесите со враќање на т.н. Пржинска влада и со нов закон за финансирање на партиите, што на крајот ѝ беше удоволено. Од ВМРО-ДПМНЕ неодамна дојдоа и сигнали за можен бојкот на пописот. Во врска, пак, со измените на изборната регулатива, од Владата посочуваат дека треба да се внесат препораките на ОБСЕ-ОДИХР од последните изборни циклуси, а најкритично е прашањето за новиот изборен модел, за што меѓу парламентарните партии, исто така, има разлики околу тоа дали треба да остане досегашното решение за парламентарни избори – со шест изборни единици или таа бројка да се сведе на три или на еден гласачки регион. (А.М.М.)