Старицата од Битола што собираше ѓубре сместена во дом

Жената (80) е згрижена, но не дозволува жубретот од нејзиниот стан да биде однесено


Преполниот стан со ѓубре каде што живееше жената

 

БИТОЛА – Старицата од комплексот „Стара болница“ во Битола, која пред две недели ја потисна насобраното со години ѓубре во станот, прифатила да биде сместена во старски дом, потврдуваа од Центарот за социјални работи од Битола за „Независен“. Но, за жал, сѐ уште нема решение за насобраното ѓубре во нејзиниот дом, оти старицата не се согласила да се отвори и исчисти станот. Напротив ѓубрето собирано со години останува заклучено во станот пред немоќта на институциите, револтирано реагираат станари.

Жената која е на 80-годишна возраст не е корисник на социјални услуги, туку била корисник на пензија, а по инцидентот на 5 април беше извлечена од пожарникари. Центарот за социјални работи од Битола интервенираше со свој стручен тим и се обиде да го овозможи најдобриот начин за да ја згрижи жената во установа каде ќе ги има сите услови за живот и лекарски надзор.

„Нашата сограѓанка не е корисник на социјални услуги, меѓутоа по инцидентот во нејзиниот стан од почетокот на април, таа даде изјава дека сака да биде сместена во старски дом во Битола, каде ќе ги има сите услови за живот.  Центарот за социјални работи од Битола ја испочитува волјата на нашата сограѓанка“, ни изјави Лидија  Ѓошевска, директор на Центарот за социјални работи во Битола.

Жената била во добра психичка состојба, а и биле извршени и лекарски прегледи и контроли.

Но по нејзиното заминување ѓубрето останува заклучено во станот, што е загрижувачка ситуација за станарите од кулата, кои трпат неподнослива реа и стравуваат од наплив на инсекти.  

„Околу  чистењето на станот имаме неофицијални информации дека старицата не дозволува никој да влезе во нејзиниот дом. Испративме циркуларно писмо до општината, полицијата и други институции и бараме законско решение како ѓубрето да се отстрани од станот за да можеме нормално да функционираме“, се жалат засегнати станари и најавуваат судски процес преку станбениот сервис, која се грижи за домувањето во зградата.

За насобраното ѓубре и опасноста од ширење на инсекти, и опасноста од пожар загриженост искажаа и од противпожарната единица во Битола која ја извлече старицата потисната од ѓубрето. (А.Б.)