Старец (85) предизвикал пожар во Струшко
Старец на возраст од 85 години од струшкото село Заграчани бил лишен од слобода, бидејќи, според МВР, претходно предизвикал пожар на отворен простор.
Како што информираат од МВР вчера во 16:30 часот, на локалниот пат меѓу селата Заграчани и Долна Белица, бил лишен од слобода А.М. (85) од Заграчани.
Според пријавеното, тој претходно кај месноста „Лок“ подметнал и предизвикал пожар на отворен простор со нискостеблеста вегетација.
Во пожарот нема повредени лица, а во гаснењето интервенирала Територијалната противпожарна единица од Струга.
По целосното документирање на случајот, против 85-годишникот ќе биде поднесена соодветна пријава.