„Старбакс“ повторно го смени извршниот директор, за две години ова е четвртиот ЦЕО
Американскиот синџир кафетерии „Старбакс“ објави дека поранешниот извршен директор Лаксман Нарасимхан се повлекува од таа функција по само една година, а негов наследник од 9 септември ќе биде поранешниот директор на синџирот за брза храна „Чипотл“, Брајан Никол.
Според извештаите, Брајан Никол ќе биде четвртиот директор на „Старбакс“ за само две години, бидејќи компанијата неуспешно се бори со послаба продажба, пренесува Си-Ен-Ен.
„Брајан Никол е носител на културата кој носи богато искуство и докажани резултати во поттикнувањето на иновациите и растот. Нашиот одбор верува дека тој ќе биде трансформативен лидер за нашата компанија, нашите луѓе и сите на кои им служиме ширум светот“, рече претставникот на „Старбакс“, Мелоди Хобсон.
Акциите на „Старбакс“ пораснаа за 19 отсто на отворањето на берзата, додека акциите на „Чипотл“ паднаа за девет отсто.
На 31 јули, „Старбакс“ објави дека во периодот од април до јуни, што за компанијата претставува трет фискален квартал од 2024 година, забележа глобално намалување на приходите од продажба за три отсто на годишно ниво. Приходите на американскиот пазар паднаа за два отсто на годишно ниво, а вкупниот обем на трансакции во продавниците во САД кои се отворени најмалку една година падна за шест отсто, што делумно беше неутрализирано со повисоките цени.
Клиентите поретко го посетуваат „Старбакс“, уморни се од високите цени и не сакаат да платат 5,5 евра за ладно кафе или лимонада, објави тогаш Си-Ен-Ен.