Стар или нов објект: Битка за Националниот театар во Тирана


Албанија – Судбината на зградата на Националниот театар на Албанија дополнително ја вжешти напнатата атмосфера во земјата исполнета со секојдневни протести на опозицијата и бојкоти. Многумина го сметаа овој објект за еден од најубавите и најзначајните по кој е препознатлива албанската метропола. Со одлука на владата тој треба да се урне и на негово место да се изгради нов супермодерен објект.

Сегашниот театар е дело на италијанскиот архитект Џулио Берте, изграден е 1938/39 година по барање на албанското кралско семејство. Целиот комплекс „Национален театар“ опфаќа површина од 13 илјади квадратни метри, а на седум илјади од нив е објектот во кој освен театарот се и библиотеката, центарот на преведувачи, информативниот центар и слично.

Законот за уривање на Националниот театар беше донесен во септември минатата година, без присуство на опозицијата, а владата вети дека ќе изгради нов посовремен објект.

Против неговото уривање е опозицијата, поголемиот дел од албанските актери и дел од граѓанскиот сектор, кои обвинуваат дека владата на премиерот Еди Рама на оваа атрактивна локација на свои приврзаници ќе им дозволи градба на повеќекатници.

Новиот Национален театар го проектира данскиот архитект Бјарк Ингелс, кој е основач и креативен партнер на светски познатата фирма „Bjarke Ingels Group“ (BIG) која се занимава со архитектура, урбанизам и изградба. Решенијата на оваа архитектонска група се извонредно смели и авангардни и многу почитувани во светот.

Новиот театар ќе се гради на простор од 86.000 квадратни метри во центарот на Тирана, односно на плоштадот „Скендербег“ на кој веќе се наоѓаат Националната опера и Националната уметничка галерија. Новиот објект ќе биде модерна противтежа на постоечките објекти, додека плоштадот ќе стане заокружена, оформена целина наменета исклучиво за пешаци.

Формата на објектот е настаната со подигање на центарот на волуменот, со што се создадени јавни, урбани џебови, пролази и поврзаност со двете страни на објектот. Овозможено е засолниште во средината, каде што посетителите можат да седат и да уживаат во отворени перформанси.

„Театарот се отвора од земја, создавајќи влез за публиката, како и за изведувачите. Две големи скалишта водат до влезното фоаје од каде што посетителите можат да продолжат понатаму до главната сцена, помалите театарски сали или до амфитеатарот на покривот. На покривот следува сличен пат. Покривот паѓа кон средината на објектот каде што се спојува и поврзува создавајќи дополнителен простор за изведби на отворено. Од амфитеатарот на покривот посетителите ќе можат да уживаат и во погледот кој се простира врз Тирана“, изјави авторот на проектот при презентацијата што ја одржа во март минатата година.