Стапката на инфлација во Аргентина се искачи над 250 отсто


Годишната стапка на инфлација во Аргентина се искачи на 254,2 отсто на почетокот на 2024 година.

На месечна основа, цените во таа јужноамериканска земја, која страда од тешка економска криза, во јануари пораснале за 20,6 отсто, објави државниот завод за статистика.

Особено силно се зголемија цените на производите за лична нега, транспорт и комуникација. Така, 2024 година во Аргентина започна со највисока стапка на инфлација од 1991 година, кога се соочи со хиперинфлација, објави германската новинска агенција ДПА.

Инфлацијата во Аргентина е една од највисоките во светот. Втората по големина економија во Јужна Америка страда од пренадуваниот државен апарат, ниската индустриска продуктивност и сивата економија од големи размери, што ја лишува земјата од многу даночни приходи.

Претседателот Хавиер Милеи, кој беше избран на оваа позиција од аргентинските гласачи во ноември минатата година, сака да ја врати Аргентина на вистинскиот пат со радикална програма за штедење. Владата нагло ја девалвира националната валута, пезосот, и најави намалување на субвенциите за гас, вода, струја и јавен превоз, што веројатно дополнително ќе ги надува цените.