Стапија во сила законските измени за поедноставни процедури за фотоволтаици
На овој начин, додаваат, се поедноставува процедурата за поставување фотонапонски електроцентрали на објектите и тоа до шест киловати за домаќинствата и до 40 киловати за компаниите.
-Клучно е што процедурата е без административни постапки и не е потребно издавање на одобрение/решение за градење од локалната самоуправа. Инвеститорите се сега должни само да ја известат општината и да ги достават потребните документи. За правни лица ќе биде потребен извод од Централен регистар, а за физички лица копија од лична карта, потоа имотен лист за објектот на кој се поставува и основен проект. Контролата дали се поставени фотоволтации како што е предвидено со проектот ќе ја вршат општинските инспектори, се вели во соопштението од Владата.
Како што прецизираат, граѓаните треба да достават известување за поставување фотонапонска електроцентрала кон кое ќе приложат копија од лична карта, имотен лист за објектот на кој се предвидува да се постави фотонапонската електроцентрала, со право на сопственост на инвеститорот, доколку објектот не е во сопственост на инвеститорот, се доставува договор или согласност од сопственикот на објектот основен проект за фотонапонска електроцентрала до шест киловати за домаќинствата, односно до 40 киловати за компаниите.
-Владата работи во интерес на граѓаните и на стопанството, за ублажување на последиците од најголемата светска енергетска криза. Покрај приоритетното обезбедување со електрична енергија и храна, се инвестира во проекти за зголемување на енергетската независност, развој на зелена економија и подобар животен стандард, велат од Владата.