Становите во Битола станаа луксуз, куќите одат за џабе, но никој не ги сака
Битолчани најчесто купуваат станови во градба за да постигнат подобра цена, па за стан од 50 квадрати попустот достигнува и до 5 илјади евра. Куќите најчесто ги купуваат индивидуални инвеститори и градат мали колективни згради, само така можат да ги продадат
Анета Блажевска
БИТОЛА – Да купиш стан во нова градба во Битола стана луксуз за просечен битолчанец. Цената скокна и над 900 евра за метар квадратен. Познавачите на приликите велат дека и градежните трошоци се повисоки, но и дека инвеститорите не се откажуваат од високите добивки кои изнесуваат и по 400 евра од квадрат. Нови згради се градат во поранешната касарна, во Областа, во Нова Битола и уште на неколку други локации во градот. Становите најчесто се купуваат уште во градба, зашто купувачите сметаат дека така ќе заштедат по 100 евра од квадрат за разлика од понудата на станови кои се веќе изградени во нови објекти.
Инвеститори од градот велат дека цените на новите градби пораснаа бидејќи пораснаа и трошоците и услугите за градба. Од агенциите за недвижности велат дека купувачи има само за помалите станови, а најчесто стари станови продаваат оние кои се иселуваат од градот.
И старите нереновирани станови и во згради од пред четири децении го следат трендот на новите градби. Цена држат становите од 40 до 55 квадрати со засебни спални. Големите станови од по 100 квадрати се продаваат по 600 евра од м2, ама нив заради високите трошоци за живеење ретко кој ги купува.
За разлика од колективните згради, куќите во Битола се нудат за џабе, тоа е така зашто никој не е заинтересиран нив, па куќа од 100 квадрати од спрат со засебен двор чини колку двособен стан и пак нема купувачи.
Битолчани кои сакаат да вложат во стан се жалат на „набилдани“ цени.
– Едноставно кажано, цените се лудница. Инвеститорите на новите станови претераа, за гарсониера бараат и по 36.000 евра, нема нова градба под 850 евра. Цела година барам стан еднособен или двособен до 55 квадрати и не можам да најдам. Се што е понуда од стари станови е со цени повисоки за 200 до 300 евра по квадрат од лани. Значи ако лани квадратот бил 550 евра сега е 750 за стар стан, а имав понуда и од 830 евра по квадрат за стан вселен во нова градба, каде сопствениците живееле кратко неколку години, вели битолчанката Силвија.
Од агенциите за недвижности што ги консултиравме велат дека во последната година во Битола веќе е „скроена“ атмосфера дека цената на становите уште повеќе ќе растат, па се бара оправдување за големата заработувачка. Цената на новите станови ја диктира цената на старите станови.
-Дојдовме во ситуација становите да се луксуз, има нови станови од по 850 до 900 евра од квадратен метар зашто инвеститорите одат со висока маржа. Претходно имавме цени од 680 до 750 евра. Факт е дека има покачување на цените на материјалите и работната рака, ама сепак заработката е многу висока. Имаат профит и по 400 евра од квадратен метар. Сето ова услови покачување на цените и на старите станови. Јас кога во нашата агенција ќе дојде продавач на стар стан и ќе каже цена која не е реална и не е пазарна, не прифаќаме да посредуваме во продавање. Му кажуваме сам да ги го продаде по таа цена. Значи имаме понуда да продаваме стари станови за 800 евра од квадрат, нереновирани. Сопствениците велат ако може новите да одат по 900 евра, зошто да не заработиме и ние. Така цените станаа нереални, непазарни, неоправдани, вели Драги Стојановски од Агенцијата Итон – БС во Битола.
Инвеститори во разговор за „Независен“ велат дека цените се формираат во зависност од трошоците, а трошоците растат неколкукратно. Квалитетна градба со добра изолација и лифт не може да се продава под 800 евра од квадрат.
-Производната цена е зголемена, па тоа ја диктира и продажната цена. Не сметам дека цената на новите станови во Битола е висока, би требало да е уште повисока во чекор со трошоците. Имаме покачување на цената на градежните материјали и услугите. Пример, рипна цената на железото за неколку пати, ако порано услугата за местење плочки беше 5 евра од м2, сега е од 8 до 10 евра таа услуга. Тоа ја диктира цената, а тука е и квалитетот на градбата која е со поскапи материјали за разлика од порано, вели инвеститор од Битола.
Инвеститори велат дека битолчани најчесто купуваат станови во градба за да постигнат подобра цена на станот. Така на пример, за стан од 50 квадратни метри попустот достигнува и до 5 илјади евра, што за финансиски просечно семејство и не е мала заштеда.
Според Стојановски од Итон – БС за разлика од становите, куќите во Битола едвај се продаваат. Малите индивидуални инвеститори најчесто ги купуваат и на нивно место градат мали колективни згради со по неколку ката, само така можат да ги продадат.
-Младите не сакаат да живеат во куќи, не сакаат да се грижат дали прокиснал покривот, дали има кал во дворот, сакаат станови и помали трошоци. Јас им велам еве за 50 илјади евра имате куќа веднаш вселлива, не сакаат ниту да ја погледнат. Затоа куќи и во центарот на градот не можат да се продадат со години, цените паѓаат и пак нема заинтересирани. Нив поретко ама ги купуваат индивидуални инвеститори и градат по неколку мали станови. Сепак многу куќи во Битола пропаѓаат оставени на забот на времето. Битолчани се иселуваат, па ни ги оставаат куќите да им ги продаваме, вели Стојановски.
Познавачите на приликите велат дека во едни вакви пазари услови кога цената на становите вештачки расте, она што треба да го направи државата е да инвестира во државни станови што ќе значи пад на цената по квадратен метар и кај приватните инвеститори, но и ќе го раздвижи пазарот на недвижности, велат тие.