Станиќ: Мораме да бидеме позитивни и покрај исклучително тешката група


Селекторот на репрезентацијата до 21 година, Горан Станиќ, ги даде првите импресии од денешната квалификациска жрепка во која Македонија се најде во икслучително тешка група.

Станиќ од неодамна е на селекторското столче и допрва ќе го има дебито на клупата. Фортуната денеска во Нион не беше на негова страна, сместувајќи ја нашата репрезентација во група со силни противници.

„Извлековме тешка група. Покрај фаворитот Италија, од вториот и третиот шешир ги добивме најтешките противници – Полска и Шведска. Во нашата група уште се и Црна Гора и Ерменија, репрезентации кои не се нималку наивни. Мора да размислуваме позитивно и да бидеме оптимисти. Претходно нагласив дека максимално верувам во оваа генерација. Можеме и имаме квалитет да ѝ парираме на секоја репрезентација“, вели Станиќ, па продолжува:

„Наредниот период, сѐ до почетокот на квалификациите во септември, треба да го искористиме на најдобар можен начин за да се подготвиме најдобро што можеме и самоуверено и храбро да го дочекаме почетокот на претстојните квалифкации. Важно е фудбалерите да веруваат во своите квалитети, да бидат максимално фокусирани на претстојните предизвици, а другото ќе дојде на свое место.

„Одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар, верувам дека нема да ги разочараме нашите фанови и љубителите на фудбалот во Македонија“, заврши селекторот, пренесува ФФМ.