„Стандард и Пурс“ го зголеми кредитниот рејтинг на Босна и Херцеговина на Б+


Меѓународната рејтинг агенција „Стандард и Пурс“ (С&П) го зголеми кредитниот рејтинг на Босна и Херцеговина, од „Б“ на „Б+“, со стабилна перспектива.

Аналитичарите на С&П во извештајот наведуваат дека подобрувањето на кредитниот рејтинг го одразува нивниот став за економијата на Босна и Херцеговина која се покажа отпорна, и покрај неодамнешните влијанија, вклучително и пандемијата Ковид 19, неколку епизоди на политичка нестабилност и послаба надворешна побарувачка.

Реалниот БДП на БиХ целосно закрепна од пандемијата и врз основа на економските показатели за првата половина на 2023 година, аналитичарите на С&П ги ревидираа нивните проекции за реалниот раст на БДП нагоре, од еден процент на два проценти. На зголемувањето на кредитниот рејтинг влијаеше и поволната фискална позиција на консолидираната генерална влада, со прогнозиран низок нето долг на општата влада од 22 отсто од БДП до крајот на 2023 година.

Според проценките на аналитичарите, трошоците за сервисирање на надворешниот долг до 2026 година ќе се задржат во просек на 2,5 отсто од државните приходи, што е ниско ниво во глобална споредба. Зголемувањето на рејтингот се базира и на очекувањата на агенцијата С&П дека ќе има олеснување на внатрешно-политичките конфронтации, пишува Бизнис.ба.

Аранжманот на валутниот одбор, како што се наведува во извештајот, е важно економско сидро и во иднина не се очекуваат промени на овој аранжман.

Според аналитичарите на С&П, во следната година може да дојде до ново зголемување на кредитниот рејтинг доколку се постигне одржлива транзиција кон донесување политички одлуки врз основа на консензус, што на среден рок би можело да ги забрза реформите и економскиот раст. Од друга страна, намалување на кредитниот рејтинг може да се случи во случај на засилени политички конфронтации, особено ако тие доведат до можни негативни импликации во однос на сервисирањето на надворешниот долг, соопшти Канцеларијата за комуникации на Централната банка на Босна и Херцеговина.