„Стандард“: ЕК барала да се употребува бившото име на Македонија


Европската комисија интервенирала во последниот прелиминарен извештај на Судот на ревизори барајќи во него место сменетото име да се употребува името ПЈРМ. 

„Ве молам наведете го привременото име на ‘Поранешната југословенска Република Македонија’,“ стои во барањето на ЕК иако Северна Македонија е членка  призната од ОН и прашањето за името е одамна решено. „Усвојувањето на преговарачката рамка, за која се дискутира во Советот, е одложена поради билатерален спор и загриженост од страна на Бугарија“, вели во објаснувањето Комисијата. Наводно, се работи за „умилкување“ на Бугарија кога се спомнува поранешното име на Северна Македонија, кое веќе не постои.

Овој инцидент е прилично сличен на друг. Имено, во Генералниот директорат за преговори за проширување на чело со Вархеји – каде дошло до промена на персоналот не многу одамна – имаше критика од внатре во мај, кога Комесарот наеднаш сакаше да и даде предност на Албанија за да започне преговори, но без Северна Македонија во пакет.

Бугарија ја блокира Северна Македонија од чисто националистички причини, но  Македонија има многу малку поддршка од земјите на ЕУ, иако е единствената земја во регионот чија влада беше посветена на реформи во изминатите години. Во мај, беше очигледно дека Вархеји сакаше да изврши притисок врз Северна Македонија да одговори на барањата на Бугарија, меѓу кои толкување на историјата и јазикот.

Висок претставник на Европската комисија кој сакаше да остане анонимен за „Стандард“ изјави: „Не разбираме што му стана. Отсекогаш сме изјавувале и ќе изјавуваме дека Северна Македонија ги има исполнето сите критериуми.“

Европската комисија сака да интервенира и во други делови од извештајот на Судот на ревизори на ЕУ во кој се дава преглед на извршените исплати за проекти за владеење на правото.Во последните 15 години, Европската комисија потроши многу пари за да промовира владеење на правото во шесте земји во Југоисточна Европа кои не се членки на ЕУ. Се инвестираше во инфраструктура, но и во политички проекти, меѓу кои и процесот за ревизија на судии и обвинители во Албанија,а корумпираните членови на правосудството беа разрешени. 

Според извештајот реформите се најуспешни во Северна Македонија бидејќи овдешната влада демонстрира политичка волја за тоа. Но, правосудните одлуки во шесте земји најчесто се поткопани од политички или приватни интереси и од пополнувањето на функции. Токму затоа Европскиот суд на ревизори моментално прави ревизија за да покаже во кои области ЕУ успеала во подобрување на владеење на правото, а во кои не.Иако процесот е во тек, Судот на ревизори веќе има испратено првичен извештај до Генералниот директорат за преговори за проширување, на чело со Унгарецот Оливер Вархеји.

Но, Европската комисија ја отфрли анализата на експертите што ги ангажираше Судот, во која се наведува дека повеќето влади во регионот станале поавторитарни во последните десет години. Во овој контекст, интересно е што Вархеји, кој е одговорен за овој региион, е номиниран од унгарската влада, која во последните години стана понедемократска и авторитарна и која го поткопува владеење на правото.

Во првиот прелиминарен извештај, Судот на ревизори исто така го критикува фактот дека „помалку важност се придава на граѓанското општество, во политички дијалог како и во финансиска помош“ во сферата на владеење на правото во шесте земји во Југоисточна Европа кои не се членки на ЕУ. Но, омисијата не сака да го прифати тоа. Таа бара параграфот  да се реформулира и нејзиното барање е да стои дека „Односите на Комисијата со организации од граѓанското општество не се исти со односите на Комисијата со националните администрации.“ Комисијата наведува како причина тоа што процесот на пристапување се спроведува со владата и согласно тоа, главните односи на ЕУ се со владите.

Оваа изјава е прилично интересна во врска со фактот дека унгарската влада има преземено чекори против граѓански организации во минатото. Кога „Стандард“ праша во врска со забелешките на Комисијата, таа само нагласи дека процесот на анализа на извештајот на Судот на ревизори е се уште во тек. 

Ако ги читате првичните коментари на Комисијата – конечниот извештај на Судот на ревизори се очекува да биде објавен до крајот на годината – очигледно е дека Комисијата го „омекнува“ вордингот на Судот на ревизори на ЕУ кога се оценува владеење на правото во Србија. На пример, кога Судот на ревизори пишува за „негативен извештај“ во параграф 65, Комисијата предлага да се „тргне зборот негативен од првата реченица“.

Има друг пример во параграф 132, каде Судот на ревизори вели: „И покрај позитивниот развој на настаните опишан погоре, во кои што ЕУ имаше улога, Комисијата дава прилично неповолна слика за статусот на владеење на правото во Србија. Комисијата со одговор: „Бидејќи параграфот се однесува на извештајот на самата Комисија, препорачуваме да се користат точни цитати наместо изразот ‘неповолна слика’“.

Согласно параграф 133, Комисијата предлага промена на вордингот на Судот на ревизори и место  „политичко влијание во правосудството е долготраен и сериозен проблем“ да стои дека  „се уште има голем притисок врз правосудството.“ 

Писмото до „Стандард“ е „доверлив документ во кој има прелиминарни наоди и кои може да подлежат на дополнителна анализа врз основа на, меѓу другото, одговорите на Комисијата.“ Што значи, тоа не е конечниот став на Судот на ревизори.Како и да е, дискусијата помеѓу Судот на ревизори и Комисијата е корисна, на пример кога станува збор за таканаречената „клауза за суспензија“. Ова е во врска со можниот прекин на преговорите за пристапување во случај на сериозно и долготрајно нарушување на фундаменталните вредности на ЕУ во сферата на слобода, демократија, почитување на човекови права и фундаментални слободи и владеење на правото. „Ревизорите не најдоа упатсво за тоа кога и како клаузата треба да биде применета“, вели Судот во врска со Србија на пример.Комисијата не се согласува.

Дијалогот меѓу Србија и Косово е неактивен со години и  нема напредок. Но, Комисијата е очигледно во дилема: доколку утврди јасно дека немало напредок во сферата на владеење на правото во Србија и дека треба да ги суспендира преговорите, тогаш  веројатно дека ќе наиде на отпор во Белград во врска со дијалогот со Косово. Затоа, очигледно сака  да продолжи така како што е.

Се на се, извештајот на Судот на ревизори покажува дека постои желба за повеќе „условување“, особено бидејќи распределувањето на претпристапна помош е тесно поврзано со реформи во владеење на правото. Всушност, дискусијата во врска со тоа трае веќе неколку години. Но, таа дискусија не е само во врска со земји кои не се членки на ЕУ кога станува збор за пари да бидат исплаќани само ако се почитуваат општите правила и вредности: дебатата веќе одамна е во самата ЕУ. Но, Полска, Унгарија и Словенија од скоро време сакаат на секој начин да го спречат ова, бидејќи нивните влади постојано ги напаѓаат западните либерални вредности.