Станари од охридската населба „Бејбунар“ најавија тужба до Општината поради неуредена инфраструктура


Граѓани на Охрид, жители на објектите што гравитираат на улицата „АСНОМ“, преку допис лиферуван до медиумите најавуваат дека судски ќе бараат остварување на нивните станарски права, односно уредување на соодветна инфраструктура во населбата за која имаат подмирено комуналии.

Тие посочуваат дека повеќе од десет години живеат во субстандардни услови со неасфалитрана улица, за што предупредуваат дека поради неодговорното однесување на локалната власт се приморани  да поднесат тужба против Општината и пред Судот за човекови права во Стразбур.

„Ние не само што бараме права за уредување на улицата, туку и бараме отштета поради нарушено човечко достоинство и право на цивилизирано живеење. Отштета бараме и поради забрзано амортизирање на нашите возила“, велат станари од зградите на улицата „АСНОМ“.

Според нивните забелешки поткрепени со фотографии за актуелната состојба, реалноста е таква – „темна и безнадежна – неасфалтирана улица, полна со дупки, бари, неосветлена од јавно осветлување, туку со наше од зградите, илегален паркинг за туристи и наркомани во летниот период, собиралиште на незгрижени кучиња до неодамна, и главна артерија за ископана земја и градежен шут за секоја градежна активност во населба Бејбунар“.

„Сардисани од сите страни, веќе две и пол години интензивно, а и подолго со помал интензитет, нашите домови се наоѓаат во епицентарот на градежната активност. Иако ја сфаќаме неизбежноста на планската градежна дејност, условите за живеење се далеку од прифатливи“, велат револтираните жители, станари на зградите на „АСНОМ“ бр. 65, 91, 93, 97, 107 и 109 во Охрид.

Сите наши напори да се предочат недоследностите на надлежните до локалната самоуправа досега завршија без успех, посочуваат станарите во дописот до медиумите.