Стамов: Мицкоски кукавички бега од избори

Членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои се дел од Иницијативата за свикување вонреден конгрес денеска го обвинија претседателот на партијата, Христијан Мицкоски дека се бори само за неговата фотелја, а не и за интересите на членството на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните.

„Мицкоски кукавички одлучи да бега од изборно соочување во Штип, препуштајќи го без борба вмровскиот бастион на истокот. Неговиот повик за одложување на изборите не е ништо друго освен страв од сопствената неспособност и комплексите кои ги има од загубените битки со СДСМ. Да му беше барем малку важно како живеат штипјани овие неполни четири години или да го интересираше притисокот со кој се соочуваа членовите на партијата во Штип, Мицкоски немаше кукавички да се повлече од битката.

Членовите кои изгореа на терен ја добија битката за Штип на претходните парламентарни избори и покажаа дека можат да се носат со конкурентите од СДСМ и покрај катастрофално лошата кампања со која настапи Мицкоски. Тие ризикуваа и закани и одмазди од власта, но се одважија и се бореа. Истите тие, сега се предадени и продадени од Мицкоски“, изјави Борче Стамов од Иницијативата за вонреден конгрес.

Според него, Мицкоски се уплашил дека ќе направи уште едно кадровско промашување и дека членството ќе се увери дека нема капацитет да ја води партијата, па повторно решил да се затвори во својот кабинет и да ужива во привилегиите кои му ги чува скапо платеното партиско обезбедување.

„Мицкоски се откажа од борба за гласовите на разочараните неутрални гласачи и им ги препушти на останатите опозициски партии, порачувајќи им дека не може да се потпрат на него и на ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа прави штета и на краток и на долг рок, слабеејќи ги позициите на партијата во наредниот период. Приватното обезбедување и семејната занимација со партијата не смеат да бидат пред интересите на членството на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните. Делењето на пари по фантомски медиуми, отварањето кафулиња и богатењето на поединци не смее да биде поважно од судбината на активистите на партијата и граѓаните кои очекуваат подобра иднина. Затоа Мицкоски мора да си замине“, рече Стамов.

На ВМРО-ДПМНЕ, додаде, не му треба лидер кој бега и не се бори, бидејќи „тоа не е опозиција, а партијата не е хидроцентрала“.

„Во момент кога постојат протоколи и кога цела Америка гласа, лицемерно е да се повикува на корона пандемијата, а истовремено да се организираат протести додека членови на Извршниот комитет тврдат дека короната не постои. Со секоја негова одлука и со секој изминат ден, станува се појасно дека Мицкоски нема капацитет и дека партијата ја носи во бездна“, рече Стамов.