Стајковци почна да селектира пластика и лименки, a Вардариште тлее

Во Стајковци денеска почна првиот пилот проект во државата за селекција на ПЕТ амбалажа и лименки во домаќинствата.
– Заедно со Центарот за климатски промени, ја отпочнуваме оваа важна еколошка иницијатива како дел од поширокиот проект „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелена агенда за Западен Балкан“. Денес им ги поделивме кантите за селекција на граѓаните од Стајковци и им ја објаснивме целата постапка. Навистина ми е мило што видов колку се подготвени, заинтересирани и посветени да дадат свој придонес. Оваа поддршка од граѓаните ни дава сила да продолжиме уште посилно – смета градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Секое домаќинство што е дел од пилотот ќе има посебни канти за пластика и лименки, а собраниот отпад ќе се подига на секои две недели – или по договор, во согласност со реалната динамика.
Со ова, градоначалникот очекува да се намали количеството отпад што оди на депонии, да се подобри квалитетот на воздухот, почвата и водите, да се зголеми рециклирањето, да се подигне еколошка свест во заедницата, а воедно се исполнуваат европските и националните стандарди за одржливо управување со отпад.
Стефковски вели дека ова е само првиот чекор. „Нашата визија е Гази Баба да биде пример за тоа како една општина може со одговорност и иновација да ги подобрува условите за живот – денес, но и за генерациите што доаѓаат“.
Ветува дека ќе продолжат активно да ја шират оваа иницијатива и во другите населени места од општината.
Во межувреме, исто на територија на Општина Гази Баба е старата депонија Вардариште, која ги труе скопјани со децении. Откако се запали минатата недела, таа не престанува да тлее и да чади. Граѓани на Аеродорм, населбата најзасегната од загадувањето, затоа што чадот од вардариште редовно се надвиснува над Ново Лисиче, протестираат секој ден од 18 до 19 часот на керстосницата пред мостот „Киро Глигоров“, но сѐ уште никој од надлежните не пошол одблизу да ги слушне барањата. Сепак, тие секојдневно бараат проблемот со Вардариште да се реши уште пред локалните избори, кои пак се закажани за 19 октомври.
Од друга страна, каков импакт врз загадувањето ќе има селектирањето лименки и пластика во Стајковци останува надлежните некогаш да соопштат. Ако се знае дека во Стајковци, според последниот попис од 2021 година живееле 4.394 жители, додека цела Гази Баба има во 69.626 жители во 22.509 домаќинства.