Стационарот на Лајка ќе има 24-часовна помош за граѓани кои ќе бидат каснати од куче


Фото: Б. Грданоски

Советот на Скопје расправа за Програмата за хуман третман и благосостојба на животните скитници на јавното претпријатие Лајка, според која во стационарот ќе има ветеринарна служба и 24-часовна помош за граѓани кои ќе бидат каснати од куче.

Новата програма предвидува освен со ушна маркица, кучињата да бидат обележани и со микрочип и за секоја единка да се води уредна електронска евиденција за здравствената состојба. Во стационарот ќе има возила за брза интервенција при итни случаи од каснување на куче кои за граѓаните ќе бидат на располагање 24 часа. Граѓаните ќе имаат можност на СОС телефонската линија да пријават повреда од каснување на куче, за што ќе бидат информирани и инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Најзначајна новина е регистрацијата, односно отворањето на ветеринарна служба на Градот, чии услуги ќе бидат по минимална пропишана цена од ценовникот на Ветеринарната комора. Амбулантата ќе биде опремена по најсовремени стандарди и ќе има две хируршки сали, дел за интензивна нега, приемен преглед, чекална, стерилна просторија и просторија за лекови. Во минатото редовно, речиси без исклучок, една иста амбуланта го добиваше тендерот за третман на уличните животни и услугите беа двојно преплаќани од буџетот“, велат во Градот Скопје.

Во стационарот во Вардариште во моментов во тек се градежни работи со кои ќе се зголеми внатрешниот капацитет. При реконструкцијата на постојниот објект од 80 дотраени метални боксови, се направија нови ѕидани 100 апартмани за кучиња со подно греење и со вентилација по стандардите пропишани во правилниот за прифатилишта од Агенцијата за храна и ветерина. Дополнително, максимално ќе се искористи и надворешниот дел од објектот и се поставуваат нови 60 боксови за поголеми раси на кучиња кои ќе имаат пристап до новиот парк. На сите животни ќе се прават брзи тестови за детекција на болести, како и задолжителна вакцинација и ревакцинација на кучињата скитници со цел да се превенираат заразните болести кај нив.

„Евтаназијата ќе се спроведува само и исклучиво како хумана евтаназија на болни животни, кои се смртно болни или повредени – во терминален стадиум на болест или повреда, кога е неизлечлива состојбата, кога е невозможно да се елиминира болката и при позитивни резултати од болестите парвовироза и штенечак и во случаи кога се агресивни животните и претставуваат закана за околината. Програмата  евтаназија смее да се изведе само како последна опција, во случаи кога нема никој заинтересиран да го преземе понатамошното лекување на многу болно животно, како и во случаи кога станува збор за екстремно агресивно животно за кое нема можност за ресоцијализација, стои во Програмата на јавното претпријатие.

Стационарот ќе продолжи да работи по принципот на заловување на нерегистрирани и необележани кучиња на јавни површини, без сопственик, привремено сместување во стационарот до вдомување,  враќање на локација од каде што се заловени или трајно згрижување во резерват за кучиња. Кучињата ќе бидат тестирани, третирани,  вакцинирани против беснило и заразни болести и кастрирани и обележани со ушна маркица и микрочип.