ССМ: Владата ја одложи средбата за 31 јануари


Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) соопшти дека средбата со Владата што требаше да се одржи денеска е одложена за 31 јануари 2022.

Како што најавува ССМ, во петок ќе бидат свикани сите тела на Сојузот за да се активираат штрајкувачките одбори.

-На разочарување на работниците, средба помеѓу Владата и ССМ закажана за денеска се одлага за 31.01.2022 година по барање на Владата. ССМ после презентацијата на Студијата за минималната плата во Република Северна Македонија и нејзините ефекти врз работењето на фирмите изготвена од еминентни професори, во четврток продолжува со активностите и уште одма во петок ќе го свика претседателството на ССМ, Советот на ССМ и регионалните синдикални претставништва и канцеларии со една цел – да се активираат штрајкувачките одбори и да се запазат постапките за штрајк како и утврдување дата за подготовки за штрајк, информира ССМ.

Овие активности, според Сојузот, се со една цел – решавање на егзистенцијалните проблеми на работниците, зголемување на минималната плата на 18.000 денари, зголемување на останатите плати и утврдување на регресот за годишен одмор во јавниот сектор согласно утврденото право на работниците во приватниот сектор.

-Исто така бараме и продолжување на мерката за замрзнувањето/ограничувањето на цените на основните прехранбени производи и по 31.01.2022 година, дополнува ССМ.