ССМ – Влада: Барањата испорачани, колку се реално остварливи

Сакаме швајцарски плати, затоа мораме да работиме како Швајцарија. Сакаме поголеми плати, мораме да имаме поголема продуктивност на трудот, рече премиерот Заев пред средбата со претседателот на ССМ Дарко Димовски 

 

Директна парична помош за работниците и компаните во најпогодените сектори, повеќе услови за пензионирање и сабота и недела да бидат неработни денови, бара Сојузот на синдикати. Барањата денеска му ги испорачаа на премиерот Зоран Заев кој заедно со економскиот тим на Владата е на средба во Сојузот на синдикати на Македонија.

Синдикатот предлага и договорот на определено време да не биде подолг од една година, а породилното отсуство да биде продолжено до 12 месеци.

– За мене ова се голем дел од барањата за кои ССМ ќе разговара на денешната средба, а воедно сум и оптимист дека ќе се договориме бидејќи нашите барања се реални и само така ќе можеме да помогнеме работниците да не ги изгубат своите работни места, а работодавачите да не ги затворат своите компании бидејки тие се единствен избор за нашата егзистенција, изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски пред почетокот на средбата.

Премиерот Заев и економскиот тим на Владата вети минимална плата од 20 илјади денари, предвремено пензионирање до пет години, недела да биде неработен ден и нов закон за работни односи кој ќе ги содржи европските стандарди. Вети исполнување на оние барања кои реално може да се реализираат.

– Она што не можеме да го прифатиме, чесно ќе кажеме и ќе го оставиме како отворено во следниот период. Работниците ја носат додадената вредност во севкупниот економски развој во нашата земја. Ќе сториме се тие да бидат среќни, да имаат повисок економски стандард, да бидат сочувани, гарантирани и обезбедени нивните работни места, да има мобилност на работната сила. Затоа испраќам порака да работиме за да можеме чесно да живееме со сработеното. Како левичарска Влада ќе направиме се за работниците, секако осигурувајќи ги компаниите во нивната одржливост, рече Заев.

За задолжителното пензионирање со 62 за жени и 64 години за мажи и можноста за откуп на стажот до пет години, Заев рече дека Владата има добра волја за ова, но оти треба да се разработи во кои услови и за кои сектори ќе важи. Со ваквиот закон очекува дека голема група на граѓани ќе заминат во пензија со што ќе се ослободат работни места за младите.

Порача дека мора да се зголеми продуктивноста на трудот бидејќи без неа не може да има и повисоки плати.

–  Сакаме швајцарски плати, затоа мораме да работиме како Швајцарија. Сакаме поголеми плати, мораме да имаме поголема продуктивност на трудот. Гледате дека имаме различни ставови Синдикатот и Владата. Тие бараат сабота и недела да бидат задолжително неработни, но ние сметаме дека треба  само недела да биде неработна бидејќи продуктивноста мора да опстојува. Сите граѓани пред се работниците очекуваат повисоки плати, но повисоки плати не следуваат ако има помалку работа, истакна Заев.

Денешната средба се одржува на иницијатива на Сојузот на синдикати на Македонија.