ССМ до скопски „Водовод“: Не си ја мерите силата преку вработените!


Фото: Б. Грданоски

Сојузот на синдикати на Македонија им порача на членовите на раководството на скопски Водовод да не си ја мери силата преку вработените, застанувајќи на страната на обезбедувањето кое вчера мораше да се пресметува со членовите на Управниот одбор.

Проблемот настанал откако повторно по наредба на директорот Драган Илиевски им било забрането да држат состанок во канцеларијата на 4 спрат, каде со години се држат состаноци. Им било речено да одат на петиот, најгорен кат, каде нема канцеларија туку треба да држат состанок во ходник.

Членовите не прифаќале да одат на петиот кат, но обезбедувањето не ги пуштало да влезат во канцеларијата, по што настанала тепачка. Поради тепачката во „Водовод“ дошла и полицијата.

Директорот Илиевски е поставен од скопската градоначалничка Данела Арсовска, а членовите на Управниот одбор се поставени од времето кога таа не беше скарана со ВМРО-ДПМНЕ.

„Непријатно сме изненадени од непочитувањето и нападите на вработените во Водовод и канализација Скопје од страна на членовите на органите на управување во јавното претпријатие.
Вработените во одделението за обезбедување извршувајќи ги своите работни задачи беа омаловажувани, нападнати, влечени, туркани и спречени во извршувањето на нивните работни задачи од страна на членовите на органите на управување на јавното претпријатие и покрај молбите на работниците да ги почитуваат нивните укажувања, да не им прават проблеми во работењето ( а зборовите ,,не ни правете проблеми ве молам, ве молиме смирете се, ве молиме не” се слушаат и од видеото објавено во медиумите на кое може да се погледне целиот случај).
Благодарност до вработените кои и покрај се се воздржаа, совесно постапуваа и не дозволија инцидентот да ескалира, а бараме институциите да ги заштитат вработените кои впрочем се задолжени да се грижат за редот и мирот како и за безбедноста во јавното претпријатие и кои се овластени службени лица со лиценца за обезбедување и нападот на нив треба да се третира како напад на службено лице при вршење на должност и треба најостро да биде санкциониран.
ССМ и СУТКОЗ јавно укажуваат дека напад на работник на неговото работно место не смее да се дозволи, а особено не од оние кои треба да водат грижа за работниците“, пишува во соопштението на ССМ.