ССК контра Филипче – наместо репресивни подобри се стимулирачки мерки
Сојузот на стопански комори смета дека правото на вакцинација која не е задолжителна е лично право на избор и не треба да се ограничува.
Од оваа асоцијација на стопанственци велат дека изјавата на министерот за здравство Венко Филипче дека Сојузот барал да се воведе задолжителна вакцинација и за вработените во приватниот сектор е целосно неточна.
„Нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна е лично право на избор и не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни ќе се постигне со стимулирачки мерки и навремено обезбедување на повеќе видови на вакцини и релевантни информации за нивната безбедност“, соопштија од ССК.
Во соопштението до медиумите исто така се вели дека заштитата на здравјето на граѓаните е највисок приоритет во услови на пандемија и тоа може да се постигне со сеопфатни, интегрирани и добро испланирани мерки како и со континуирано унапредување на квалитетот на здравствената заштита.
„Сојузот на стопански комори речиси овие две години од почетокот на пандемијата дава активен продонес преку постојано следење на мерките и доставување на свои конструктивни предлози и мислења во насока на нивно унапредување се со цел заштита на здравјето и намалување на штетните последици во економијата“, велат од ССК и додаваат дека остануваат отворени за понатамошна соработка и ќе продолжат да даваат поддршка за мерките кои сметаат дека ќе дадат ефект.