ССК: Две третини од фирмите се уште не побарале финансиска помош, 16 отсто не ни помислуваат


Само кај пет отсто од прeтпријатијата немало намалување на обемот на работа, вели Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на ССК

Претприемачите трпат штети и немаат алтернативен начин за вршење дејност, покажало истражувањето на Сојузот на стопански комори

 

Претприемачите се соочуваат со намален обем на работа и со големи штети од пандемијата Ковид-19, а голем дел не се во можност да се задолжуваат со нови кредити, на веќе постоечките, за да ја пребродат кризата, покажува најновото истражување на Сојузот на стопански комори (ССК).

Во истражувањето се вклучени претпријатија од сите региони во земјава и тоа најголем дел, 54 отсто од Скопскиот, девет проценти од Пелагонискиот, по седум отсто од Југоисточниот, Полошкиот и Источниот регион, по шест отсто од Југозападниот и Вардарскиот, како и четири проценти од Североисточниот регион. Според дејноста, претпријатијата припаѓаат на секторите угостителство, производство и преработка, сметководство и финансии, трговија, услуги, градежништво, туризам, здравство, транспорт и логистика и земјоделсттво, додека според големината, доминираат микро, мали и средни.

-Вкупно 49 отсто од анкетираните претпријатија одговориле дека трпат штети во нивното работењето од 81 до 100 проценти, 13 отсто имале штета од 61 до 80 отсто, 13 отсто се со штета од 41 до 60 отсто, 16 проценти претрпеле штета од 21 до 40 отсто, а осум отсто се изјасниле дека штетата им е до 20 отсто, додека само еден процент рекле дека немаат штета во нивното работење. На прашањето колку е намален обемот на работата во март годинава, 40 отсто од претпријатијата одговориле дека обемот на работа им е намален меѓу 81 и 100 отсто, на 19 отсто обемот им се намалил од 61 до 80 проценти, 12 отсто имаат намален обем на работа меѓу 41 и 60 проценти, кај 15 отсто обемот е намален меѓу 21 и 40 отсто, а кај девет отсто намалувањето е до 20 проценти. Само кај пет отсто од прeтпријатијата немало намалување на обемот на работа, вели Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на ССК.

Во однос на бројот на вработени, 85 отсто од претпријатијата одговориле дека се уште не го намалиле бројот на вработени како резултат на состојбата за разлика од 15 отсто од компаниите кои веќе го намалиле бројот на вработени. Доколку нема соодветни економски мерки и како резултат на состојбите дури 46 проценти од компаниите се изјасниле дека планираат да го намалат бројот на вработени ако немаат ликвидност и средства да ги исплатат платите и трошоците.

Најголем дел од претпријатијата, односно 86 отсто, сметаат дека економските мерки кои ги донесе Владата не се во согласност со потребите на стопанството и нема да ја исполнат целта да се преброди состојбата, додека само 14 проценти од компаниите сметаат дека мерките се во согласност со нивните потреби.

-Вкупно 65 отсто од претпријатијата одговориле дека се уште немаат аплицирано за дел од понудените економски мерки за справување со кризата донесени од Владата, 19 отсто аплицирале, а 16 отсто воопшто не планираат да ги користат економските мерки. Во поглед на понудениот кредит на Развојната банка 65 проценти од претпријатијата не аплицирале, осум отсто изјавиле дека аплицирале, седум проценти се изјасниле дека аплицирале и се уште чекаат одговор. Вкупно 19 проценти се изјасниле дека нема воопшто да аплицираат за кредит, а еден отсто дека се одбиени, наведува Грозданов.

Што се однесува до финансиската поддршка од 14.500 денари, 47 отсто од фирмите се изјасниле дека планираат да ја користат, 32 отсто не одлучиле, а 21 процент воопшто не планираат да ја користат. На прашањето дали се запознаени дека средствата за поддршка треба да се вратат во 2021 година, 79 отсто рекле дека се запознаени со условите.

-Од сите претпријатија вклучени во истражувањето, 80 проценти се изјасниле дека немаат можност да ја вршат својата работа од дома или онлајн, а на прашањето дали бараат алтернативен начин за остварување на нивната дејност 70 отсто рекле дека не е можно да ја вршат нивната дејност на алтернативен начин, 19 отсто бараат алтернативни начини, а 11 отсто не бараат друг начин, изјави Грозданов.

ССК обединува 35 стопански комори, 30 групации, здруженија и асоцијации, кои застапуваат над 24.000 претпријатија од сите региони и сектори.