Српско искуство за развој на железницата со Македонија и Коридорот 10


Генералниот директор на железничката инфраструктура на Србија, Небојша Шурлан и генералниот директор на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура на Железниците на Северна Македонија Зоран Трифуновски денеска во Белград разговараа за перспективите и плановите за развој на инфраструктурата и железничкиот сообраќај на Коридорот 10, јави дописникот на МИА од Белград.

Од Железничката инфраструктура на Србија соопштија дека раководството од Србија ги информирало гостите од Северна Македонија за искуствата поврзани со изградбата на брзата пруга Белград-Нови Сад, со брзина од 200 километри на час, како и за резултатите и ефектите постигнати со спроведувањето на овој проект.

Оттаму додаваат дека се зборувало и за продолжување на изградбата на брзата пруга од Нови Сад до Суботица и понатаму до Будимпешта.

Шурлан и Трифуновски разговараа за прекуграничната соработка на управителите на железничката инфраструктура во Северна Македонија и Србија, како и за можностите за нејзин развој.

Ова беше и можност за размена на искуства за многу теми од бизнисот на двете компании од железничката инфраструктура.

Во рамките на работната посета на Србија, делегацијата на Инфраструктурата на железниците на Северна Македонија патуваше на брзата пруга со возот „Соко“ со брзина од 200 километри на час и се увери во квалитетот, точноста и пријатноста на патувањето со железница на новата пруга меѓу овие два града.

Покрај тоа, Трифуновски и неговите колеги ги посетија и работите за изградба на новата железничка станица Белград Центар во Прокоп, како и Телекомандата од каде се следи и управува железничкиот сообраќај на брзата пруга Белград-Нови Сад.

Гостите од Северна Македонија ги посетија и работите на реконструкција на железничката станица во Нови Сад, која се реновира како дел од проектот за изградба на брза пруга Нови Сад-Суботица.

Состанокот се одржа во рамки на посетата на висока делегација на инфраструктурната железничка компанија на Северна Македонија на Железничката инфраструктура на Србија.

Покрај големото железничко значење, оваа посета секако е значаен придонес во развојот на меѓусебната соработка во регионот, се заклучува во соопштението.