Српските вакцини стигнаа, имунизацијата почнува в среда (галерија)
Српскиот претседател Вучиќ изјави дека Србија нема други интереси освен да покажува пријателство кон Македонија и дека „вистинскиот пријател е оној којшто ќе ви се најде во тешка ситуација, во неволја, а не да биде тука само кога е лесно“
Македонија и Србија денеска на единствен начин го потврдија пријателството меѓу двете земји откако соседот оддели 4.680 вакцини на „Фајзер“ од својот контингент за да ги помогне македонските здравствени власти. Српскиот претседател Александар Вучиќ дојде на граничниот премин „Табановце“ лично да ги донесе вакцините и на снегот, ветрот и многу студеното време задно со македонскиот премиер Зоран Заев да порачаат дека искрената соработка, пријателството и помошта на соседите е незаменлива за народите.
Според она што подоцна го изјави министерот за здравство Венко Филипче, договорот за испораката на вакцините бил конечно склучен во петокот вечерта, вчера биле потпишани трипартините документи, а денеска вакцините ќе бидат веќе во соодветните фрижидери во Скопје. Утре треба да се заврши процедурата во Агенцијата за лекови и имуницазијата на лекарите и медицинскиот персонал да започне в среда во модуларната болница во Клиничкиот центар. Останатиот дел од вкупната пратка од 8.000 вакцини треба да дојде наскоро.
Заев и Вучиќ имаа куси обраќања. Српскиот претседател постојани ги триеше рацете поради студот и ветрот. За Заев вакцините се израз на „пријателска и соседска подадена рака и прва помош за македонските граѓани додека не стигнат вакцините што ние ги нарачавме“. Според него, овој гест покажува дека ние сме поврзани со најдобрите вредности и никогаш не ги забораваме соработката, пријателството и солидарноста.
„Нашата денешна средба е резултат на соработката и традицијата во регионот првата рака за помош да му се подаде на првиот сосед“ и овој чин ги зацврстува односите меѓу Србија и Македонија кои и така беа пријателски, рече Заев. Тој упати благодарност до Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ што го „помогнаа нашиот народ и нашето јавно здравје“. Заев уште посебно се заблагодари на пратениците Иван Стоилковиќ и Мирослав Јовановиќ, кои со нивните контакти со српските власти помогнале да се оствари оваа донација на вакцините на „Фајзер“.
-Ние сме горди што сме членка на НАТО, но исто така сме свесни за недостатокот на вакцини во светот. Ние сме мала земја заедно со сите земји од Западен Балкан направивме напори и имавме склучено договор со „Фајзер“ и со „Синофарм“ од Кина. При крајот на неделата очекуваме да стигнат вакцините од Кина во нашата земја, рече Заев во одговор на прашање.
Обраќањето на Александар Вучиќ беше во сличниот тон. „Јас сум среќен што можевме да помогнеме“, рече тој и во очигледна алузија на обраќањата на еден друг сосед тој јасно нагласи: „Србија нема други интереси освен да покажува пријателство кон Северна Македонија. Нас ништо друго не нѐ интересира освен пријателството да напредува и економската соработка да се зголемува“.
Тој уште рече дека „вистинскиот пријател е оној којшто ќе ви се најде во тешка ситуација, во неволја, а не да биде тука само кога е лесно. Верувам дека овие вакцини ќе бидат доволни за најголемиот број лекари во црвените ковид зони“. И тој имаше полни зборови на благодарност: „Благодарам уште еднаш на братскиот македонски народ, на сите граѓани на Северна Македонија, вам почитуван господине Заев што се боревте за својот народ побрзо да ги добие вакцините“.
Потоа, одговарајќи на новинарски прашања, Вучиќ рече дека морале да му дадат посебни гаранции на „Фајзер“, бидејќи според договорот немале право на никаков начин да ги отуѓуваат вакцините. „Затоа моравме на ‘Фајзер’ да му дадеме посебни гаранции дека ќе го гарантираме начинот на транспорт на вакцините и дека вакцините ќе бидат исти како кога ние ги презедов. Токму тоа беше причината што доцни примопредавањето на вакцините“, рече Вучиќ.
Тој уште објасни дека за него било далеку поради снежното невреме да дојде до Табановце, кое е околу 400 километри од Белград, „но синоќа видовме дека ги завршивме сите процедури и веднаш се слушнавме со премиерот Заев и реков ајде да се сретнеме за луѓето што побрзо да ги добијат вакцините, бидејќи не им е грижа дали мене ми се доаѓа или не ми се доаѓа денеска“.
Со оваа кратка церемонија заврши малку подолгата сага околу вакцините на „Фајзер“ од Србија, чија испорака претходно беше одложена поради специфични барања на производителот. Ова се единствените вакцини што досега пристигнале во Македонија. Кинеските вакцини на „Синофарм“ треба да пристигнат наредните денови. (Н.В.)