Српските студенти и млади активисти им пишаа на европските институции за причините за протестите во Белград


Неформалната група студенти и млади активисти „Борба“, која речиси две недели протестира со цел поништување на изборите во Србија и отворање и ажурирање на избирачкиот список, денеска испрати писмо до европските институции и други меѓународни организации, во кое ги информира за причините за протестот, но и барањата што ги имаат кон домашните институции, но и меѓународните тела.

„Борба“ потсетува на изборните нерегуларности на кои посведочија многу домашни и меѓународни набљудувачки мисии, како и на фактот дека изборите одржани на 17 декември не биле фер и чесни. Студенти и млади пријавиле до институциите на ЕУ и други меѓународни организации за бројни примери на апсења, заплашувања, таргетирање, поседување биометриски податоци и полициска бруталност врз младите и студентите во последните десет дена на улиците на Белград.

Групата „Борба“ бара од европските институции да не го признаваат легитимитетот на парламентарните, покраинските и локалните избори во Србија. Исто така, студентите и младите активисти на Србија бараат покренување меѓународна истрага под покровителство на ОБСЕ, Советот на Европа и институциите на Европската унија за изборни нерегуларности, што би довело до услови за некои идни фер и легитимни избори.

Студентите и младите нема да престанат да се борат на улиците додека не се воспостават демократски принципи и вредности и изборите во Србија не бидат фер и чесни и прифатливи за сите граѓани, се вели во писмото.

Младите активисти, поддржани и од други граѓани на Белград, денеска од 12 часот протестираат со блокада на улици во главниот град на Србија и најавија дека блокадите ќе траат 24 часа, до утре во 12 часот. За тогаш е најавен собир кај Теразиска чешма на кој повикаа познатите личности од ПроГлас.