Српскиот тајкун Мирослав Мишковиќ ослободен од обвинението за затајување данок

Неговото апсење му се припиша на Александар Вучиќ кој со тоа доби ореол на борец против корупцијата


 

Кривичната постапка која започна пред десет години со апсењето на сопственикот на српската компанија „Делта“, Мирослав Мишковиќ, а со која Александар Вучиќ стана најпопуларен политичар во земјава, денеска го доби својот епилог – Мирослав Мишковиќ е ослободен од обвиненијата.

Апелацискиот суд во Белград ја смени пресудата на Вишиот суд во Белград, со која Мирослав Мишковиќ е осуден на две и пол години затвор и парична казна од осум милиони динари затоа што му помогнал на својот син Марко да затаи данок. Како што се посочува во образложението на пресудата на Апелацискиот суд, за некој да биде осуден за даночно затајување мора недвосмислено да се утврди намерата за затајување данок. Таквата намера, додаваат од судот, не може да се утврди од ниту еден доказ. Освен Мишковиќ, ослободени се и неговиот син Марко, како и Живоин Петровиќ и Јадранка Бардиќ, на кои Марко Мишковиќ, според обвинението, им наредил да ја прикријат даночната обврска.

Ослободителната пресуда на Апелацискиот суд значи дека Мирослав Мишковиќ по десет години може да се смета за слободен човек, бидејќи во 2017 година беше правно ослободен за злоупотреби во патни претпријатија. Мишковиќ и неговиот син беа уапсени во декември 2012 година под сомнение дека го извршиле ова кривично дело. Сопственикот на компанијата „Делта“ помина осум месеци во притвор, а за да се брани од слобода мораше да плати кауција од 12 милиони евра.

Иако истрагата формално ја водеше Обвинителството за организиран криминал, дел од медиумите заслугата за апсењето на Мишковиќ му ја препишаа на тогашниот прв вицепремиер Александар Вучиќ, давајќи му ореол на борец против корупцијата. По неговото апсење, сите испитувања на јавното мислење покажаа дека Вучиќ стана убедливо најпопуларниот политичар во земјата. (Данас)