Српски полицајци спасија деветгодишно девојче од Македонија


Александар Миленковиќ и Владан Николиќ се сообраќајните полицајци од Србија кои завчера попладне му помогнале на македонско семејство да се спаси животот на нивната деветгодишната ќерка, на која ѝ се слошило на автопат, пренесува „Курир.рс“.

Најблиските застанале со автомобилот и се обидувале да му помогнат на девојчето кое било без свест. Истовремено, очајнички барале помош.

„Возачи пријавија дека затекнале човек со дете во рацете кој се обидувал да застане некое возило. Ни кажаа дека таткото бил очаен, бидејќи детето умирало“, раскажува Миленковиќ, кој со колегата бил оддалечен половина километар, таму вршеле радарска контрола.

Николиќ додал дека веднаш заминале да помогнат. Мајката го држела јазикот на детето, за да не се загуши. Очите на девојчето биле отворени, но му се гледале само белките во нив.

Реагирале молневито. Го земале целото семејство во полициското возило и тргнале кон Белград. Родителите молеле што побрзо да се стигне до брзата помош, која веќе била повикана и со која се пресретнале по пат.

Семејството имало уште две возрасни деца.