Српски екстремен десничар објавува фотографии од настаните со Вања и Панче


Фотографија на Срѓан Ного на неговиот профил на Икс

 

Срѓан Ного, човек кој е дел од српската сцена на екстремната десница, веќе два дена објавува фотографии на неговиот профил на Икс од настаните поврзани со грабнувањата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска и нивните убиства и најавува дека утре ќе објави и нови снимки.

Ного, поранешен член на националистичката партија Двери (од која беше исклучен во 2019), а следната година беше уапсен и обвинет за бунт, е голем поклоник на рускиот претседател Владимир Путин.

На првата фотографија се гледа возилото „ситроен бх“ со велешки регистерски таблички на бензинска пумпа со две лица кои се на возачкото и на совозачкото седиште. На снимката нема датум, а според неговите претпоставки, со возилото управува Панче, што значи дека таа е направена во период пред тој да биде убиен.

Втората фотографија, наводно од некоја безбедносна камера наспроти зградата во која живееше Вања, според Ного, е направена истото утро кога таа беше киднапирана. Ного најавува дека утре на неговите канали на социјалните мрежи ќе ги објави сите снимки со кои располага, како и детали за тоа кој и како го решил случајот со двојното убиство.

Како запалливиот десничар Срѓан Ного стигнал до овие снимки, дали некој му помогнал овде во таа операција е нејасно. Но ако навистина има доверливи снимки тоа би можело на одреден начин да ја компромитира целата истрага и да ја вознемири јавноста.