Српски документарец стана хит веќе во првата недела на Нетфликс

Филмот „Долгото патување до војна“ прикажува интервјуа со историчари кои откриваат како избувна Првата светска војна


 

Документарниот филм на Милош Шкундриќ „Долгото патување до војна“ беше вклучен во 10-те најгледани филмови на Нетфликс во 14 европски земји во првата недела од прикажувањето.

Продуцентската куќа „Парадокс филм“ истакнува дека особено добра гледаност имала во нордиските земји. Во Холандија е на деветтото место, во Шведска на шестото, а во Хрватска на осмото место на листата на 10 најгледани филмови.

„Ова е важна вест за српската кинематографија и српската историографија“, се вели во соопштението на продуцентската куќа. Филмот прикажува интервјуа со историчари кои откриваат како избувна Првата светска војна.

Филмот пристигна на Нетфликс на 28 јуни, точно на годишнината од атентатот во Сараево, кога Гаврило Принцип смртно го рани Франц Фердинанд со пиштол и ја уби неговата сопруга Софија.

Документарецот се прикажува во 30 европски земји, каде што Нетфликс има публика од околу 70 милиони претплатници. Ќе биде достапен за гледање во следните пет години.

Изработен е со поддршка на Министерството за култура на Србија и Филмскиот центар на Србија во 2018 година. Низ годините, филмот е наградуван на бројни меѓународни филмски фестивали. (Б92)