Српски црковен аналитичар: Вартоломеј разбојнички упадна во СПЦ
Зоран Чворовиќ, професор на Правниот факултет во Крагуевац, по повод одлуката на Вселенскиот патријарх Вартоломеј за признавање на Македонската православна црква рече дека само Српската православна црква (СПЦ) има право да дава автокефалност на некои нејзини организациски единици.
Во изјава за агенцијата Бета, Чворовиќ рече дека Вартоломеј „разбојнички упаднал на канонската територија на СПЦ“ и дека, како што ги нарече, за канонски ги прогласил „расколниците во Македонија“ кои се одвоиле од СПЦ, ја прогласи за канонска помесната црква повикувајќи се на „наводното право да биде последна жалбена, апелациска инстанција во православието, со право да преиспитува одлуки на помесните цркви“.
Тој додаде дека Вартоломеј ја сакал за себе функцијата „источен папа“, иако е „само прв по честа“ меѓу локалните православни цркви.
„Неканонската одлука на Цариградската патријаршија не само што го прејудицираше решението на прашањето за македонскиот раскол, туку Цариград сакаше целосно да ја деградира силата на можниот томос што СПЦ ќе им го даде на православните Македонци, туку и да ја скрати и деградира целосната моќ на секоја автокефална црква, вклучително и на СПЦ“, рече правниот историчар Чворовиќ, познат и како автор на книгата „Право и православие“.
Тој исто така изјави дека пред неколку години, „иако каноните не го дозволуваат тоа“, Цариградската патријаршија интервенираше во Украина, создавајќи нова неканонска црква „од поранешните расколници таканаречената Православна црква на Украина“.
„Цариградската патријаршија нема никаква надлежност во однос на другите помесни автокефални цркви, бидејќи сите автокефални цркви имаат ист опсег на надлежност и се еднакви една со друга“, посочи Чворовиќ.
Според него, „Цариград веројатно се надева дека ќе изостане канонската и остра реакција на СПЦ, затоа СПЦ треба веднаш да реагира решително со прекинување на комуникацијата со Цариградската патријаршија, додека таа не го поништи нејзиниот неканонски акт.
„Самиот текст на одлуката на Синодот на Цариградската патријаршија поради употребата на името „Црква Србија“ јасно зборува за намерата на Фанар да продолжи да го нарушува единството на Српската православна црква долж државните граници воспоставени во 1990-тите“, нагласи Чворовиќ.
СПЦ досега не се огласи.