Српската полиција копа околу куќата во која исчезна двегодишното девојче Данка
Полициски истражители почнаа да копаат околу куќата во Бањско Поле каде исчезна девојчето Данка Илиќ минатиот вторник. Како што пренесуваат српските медиуми, простор со радиус од околу 100 метри е ограден со жолта лента околу куќата.
Во близина на куќата има голем број полициски истражители. Како што неофицијално дознава „Новости“, има и вештаци за судска медицина, но оваа информација сè уште не е потврдена.
Што точно прават во близина на куќата сè уште не се знае. На новинарите строго им е забрането да се приближуваат до куќата.
Потсетуваме дека австриската полиција денеска соопшти за видео кое е направено на трамвајска станица во Виена, на кое се верува дека ја покажува малата Данка Илиќ, која исчезна во близина на Бор на 26 март.
Според соопштението на австриската полиција, голема е веројатноста на видеото да се гледа двегодишно девојче Данка.
„Откако роднините на исчезнатото девојче ги погледнаа сликите, се претпоставува дека многу веројатно се работи за исчезнатото девојче од Србија. Виенската полиција по налог на јавниот обвинител бара објавување на снимките“, соопштено е.
Тие објавија и фотографии од жените на видеото. Исто така, австриската полиција апелираше до сите граѓани кои ги виделе овие две жени веднаш да се обратат до надлежните служби.