Српската централна банка ја зголеми основната камата – инфлациските притисоци сѐ посилни


Извршниот одбор на Народната банка на Србија на денешната седница ја зголеми референтната каматна стапка за 50 базични поени, на 2 отсто, јавија медиумите во Србија.

Истовремено, одлучено е да се зголемат и каматите на депозитните и на кредитните олеснувања за 50 базични поени, на нивоа од 1 отсто, односно 3 отсто.

При донесувањето на оваа одлука, Извршниот одбор имаше предвид дека инфлаторните притисоци на светскиот и на домашниот пазар се посилни од претходно очекуваните и дека тоа бара дополнително заострување на монетарните услови со цел да се ограничат секундарните ефекти врз инфлациските очекувања и натамошно зголемување на инфлацијата, соопшти НБС.

Што значи ова за должниците?
„Блиц Бизнис“ разговараше со професорот на Економскиот факултет во Белград, Љубодраг Савиќ, кој посочува дека нема сите да бидат погодени од повисоките камати на централната банка.

– Оние граѓани кои земале динарски кредити со фиксна камата не се и не можат да бидат во неволја, не се во неволја ниту ако земале динарски кредит со променлива каматна стапка, објаснува Савиќ, додавајќи дека сѐ уште има многу малку динарски кредити и кредити со фиксна каматна стапка.

Најголем удар ќе има врз оние кои земале долгорочни кредити со променливи каматни стапки.

– Засега поместување на курсот, покачувањето на каматните стапки не е драматично. За жал, можеме да очекуваме само да биде полошо. Како ќе се движат каматните стапки е многу тешко да се предвиди. Но, сегашната ситуација нема наскоро да заврши, особено не санкциите, вели Савиќ.

– Пред нешто повеќе од еден месец Еурибор имаше негативна вредност (кредитите се пресметуваат со додавање на еурибор и каматната маржа), а каматните стапки беа на историски најниско ниво. Сега, САД значително ги помести каматните стапки за 0,25 отсто, а ЕЦБ ќе мора да го стори истото за да ја зачува сопствената конкурентност и да ги спречи инвеститорите да бегаат во САД. Ова директно влијае на променливите каматни стапки. Луѓето мислат дека 2 отсто се малку, но тоа не е така, наведува Савиќ со коментар дека Еурибор порано одел и до 8,5 отсто.