Српска „Житоунија“ бара укинување на маркиците за извоз на брашно во Македонија и БиХ


Деловното здружение „Житунија“ предложи Србија да покрене иницијатива до владите на Северна Македонија и на Босна и Херцеговина за укинување на прописите со кои се регулира обврската за ставање евиденциски маркици на брашното за човечка исхрана, бидејќи, според нив, оваа одредба претставува нецаринска бариера и злоупотребите се чести, пишува денешна белградска „Политика“.

Во образложението на барањето се наведува дека извозниците на брашно од Србија имале крајно негативни искуства со земјава и дека обврската да ставаат маркици за брашно при извозот често се злоупотребувало и се претворило во сериозна нецаринска бариера, а непосреден резултат на тоа бил отежнатиот и забавен извоз и создавањето непотребни трошоци.

Во текстот во „Политика“ се потсетува дека просечниот годишен извоз на брашно од Србија во Северна Македонија изнесува во просек околу 45.000 тони и дека земјава е најголем откупувач на српско брашно.

– Иако со Владата на Македонија во 2018 година беше договорено овие марки да бидат укинати, ова до денес не е сторено, тврдат од „Житоунија“, додавајќи дека во случајот на Босна и Херцеговина, каде годишно се извезуваат околу 40.000 тони брашно, извозниците од Србија исто така имаат обврска да ставаат маркички.

Во барањето се додава дека проблем е и тоа што димензиите и квалитетот на хартијата не се совпаѓаат со апаратите за автоматско лепење, така што тие треба да бидат поставени рачно, што бара вработување дополнителни работници и значителни и непотребни трошоци.

„Политика“ потсетува дека Србија ги укинала регулативите за ставање маркици на брашното на 31 декември 2018 година, што е во согласност со регулативите на ЕУ, кои не ја признаваат употребата на маркиците за брашно како форма на контрола на пазарот.

– Имајќи го предвид сето ова, ние предлагаме Владата на Србија официјално да достави иницијатива до владите на овие две земји за укинување на нивните регулативи за обврската за ставање маркици за регистрација, со цел да се подобри меѓусебната трговија со брашно, да се отстранат непотребните трошоци и прилагодување на регулативите на ЕУ, се вели во соопштението на „Житоунија“ објавено во „Политика“.

Од „Житоунија“ потсетуваат дека ЕУ објавила економски инвестициски план за Западен Балкан, чиј приоритет е подобро поврзување на економиите во регионот и со ЕУ. Целта е приближување на регионот до единствениот пазар на ЕУ, додека земјите од Западен Балкан треба да го развијат заедничкиот пазар како отскочна штица за поблиска интеграција пред да влезат во Унијата.